Од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека Заев и СДСМ ја туркаат државата во уште поголема криза со несогледливи последици.
-Власта одлучи со насилничко однесување да распише референдум за договорот со Грција без да го послуша размислувањето на 455.000 граѓани на Република Македонија кои се претставени од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“. Свесни дека договорот е штетен за државата, тие се обидуваат со сила, без прифаќање на аргументите на опозицијата да протуркаат прашање кое е безсмислено и повеќезначно. Прашањето кое се предлага од власта дали сте за членство во ЕУ и НАТО поддржувајќи го договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција е во целосна спротивност со законот. Истото е двосмислено и повеќезначно, и пред се манипулативно, посочуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДСМ сака да ја изигра волјата на народот на начин што сака капитуланскиот договор да го поврзе со членството во НАТО и ЕУ што пак е заедничка цел на сите граѓани во Република Македонија.
-Доколку Заев беше убеден дека постигнал добар договор со Грција, тогаш само договорот ќе беше ставен во референдумското прашање и народот ќе го кажеше своето мислење за него. Зоран Заев и СДСМ ја имаат целосната одговорност за антидржавниот и капитулантски договор со Грција. Наместо Зоран Заев да измислува некои квази правни толкувања во случај референдумот да не успее и одговорноста да ја префрла на институциите, тој треба веднаш да си ги исполни своето ветување и да замине еднаш засекогаш од политичката сцена, се наведува во партиското соопштение.
Оттаму нагласуваат дека единствените кои ја попречуваат европската иднина на граѓаните се Зоран Заев и СДСМ.
-Досегашното нивно владеење не донесе ништо освен корупција, криминал, неспособност и партизација на институциите и судството. Колку порано падне оваа капитуланска власт толку подобро за граѓаните на Република Македонија, се наведува во соопштението.