Бројот на невработени во Германија минатата година се спуштил на рекордно низок просек од 2,34 милиони и покрај малото зголемување во декември, се вели во официјалните податоци објавени денеска.
Во декември без работа биле 2,21 милион германски граѓани, што е за 23 илјади повеќе во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на сојузната агенција за вработување (BАА).
Стапката на невработеност во последниот месец од 2018 година е во благ пораст за 0,1 процентен поен и изнесувала 4,9 отсто.
Меѓутоа, во споредба со декември 2017 година, бројот на невработени е намален за 175 илјади.
Во последните 12 месеци како целина, вкупниот број на невработени бил најнизок од обединувањето на Германија – во најголемата европска економија просечно без работа биле околу 2,34 милиони граѓани, што е за 193 илјади помалку од 2017.
Просечната стапка на невработеност минатата година е намалена за половина процент, на 5,2 отсто, објави BАА.
Инаку, Германија според статистиката од 2017 има близу 83 милиони жители.