Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска во Истанбул ќе го отвори најголемниот аеродром на светот, во присуство на повеќе од 50 високи функционери од целиот свет, меѓу кои и македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.
Како што јави агенцијата Анадолија, новиот аеродром во Истанбул, чија прва фаза денеска ја отвора Ердоган, ќе има голем број карактеристики по кои ќе биде препознатлив во светот, меѓу кои и неговата големина, инфраструктурата, безбедносните системи и дизајнот.
Првиот лет е закажан за 31 октомври кон Анкара со авион од типот „Боинг 777“ на турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines).
Аеродромот е изграден на вкупна површина од 76,5 милиони квадратни метри, а другите фази би требало да бидат завршени до 2023 година.
По завршувањето на работата, аеродромот ќе содржи шест одвоени писти, ќе има капацитет за 500 авиони, паркинг од отворен и затворен тип со капацитет од 70.000 возила и годишно ќе опслужува околу 200 милиони патници. Се очекува на аеродромот дневно да слетуваат и полетуваат 2.000 авиони, кон повеќе од 350 дестинации, а своите услуги ќе ги нудат 250 авиокомпании.
Во првата етапа се планирани дневно пет слетувања, а исто толку и полетувања. Планирани се внатрешни летови кон Анкара, Измир и Анталија, но и кон Турската Република Северен Кипар и Азербејџан кои ќе бидат први меѓународни летови. (МИА)