Живот 30.01.2019 01:46

Во какви суеверија веруваме?

Во какви суеверија веруваме?

Кога бев мал верував во сé и сешто. Мислев дека секој старечки збор и прекор содржат во себе вистина од која треба да се плашиме, па затоа на очите имав перде од стравопочит спрема моето опкружување. Но, да не се разбереме погрешно, има верувања од кои стварно треба да бидеме внимателни и како што викаат старите: да не се мавтаме со ѓаволот.

Ова е банален пример, но стравот од црна мачка и ден денес зазема големо место во верувањата на луѓето. Посебно кога истото црно животно ќе ти го пресече патот. Гледано како пратеник на мрачните сили или не дај Боже – вештерка, многумина сé уште фрлаат камче или плукаат пред нив за да исчезне баксузлакот.

Но, кога веќе сме околу црната боја, постојат и такви поединци кои не сакаат да се во контакт со предмети чија боја е црна. На пример, еден мој близок пријател никако не сака да пие кафе од црн филџан, не знам зошто, ама се плаши, мисли на најлошото, небаре ќе се задави од кафето.

И некои поединечни слики во соновите заземаат таква положба од која луѓето се преплашуваат. Сите знаеме дека ако сонуваш како ти паѓа заб, тоа значи нечија смрт, веројатно на некој близок.

Еднаш една другарка ми има кажувано како овој сон го има сонувано три пати и после тоа татко ѝ починал. Не знам што да кажам на ова, можно е.

Или друг пример е ако сонуваш нечија смрт, тоа значи дека му го продолжуваш животот на некого. И да е така, на крај сфаќаме дека никој не е бесмртен, така што смислата некако и се губи.

Сега малку да се свртиме и на позитивните нешта. Имам една познаничка која скришно зема нешто кога ќе кај некого дома за прв пат. Смета дека тој предмет, без разлика дали е лист хартија или некоја пластича играчка, ќе ѝ донесе среќа.

Или пак ако гледаш во небо и ако препознаеш некоја фигура, тогаш ќе ја добиеш истата. Јас еднаш во облаците препознав BMW па еве сé уште ми нема паднато од небо. А кога сме веќе тука, ќе го додадам и ова. Ако ги броиш ѕвездите ќе ти излезат бенки, многу бенки. Дали некој доби барем една?

Добро се сеќам дека кога бев помал, моите не ми даваа да сечам нокти штом ќе се стемни, велеа дека не требало така, демек нешто лошо може да се случи. А, ако одиш на состанок со девојка сигурно нема да се појавиш со поголеми нокти од нејзините?