Рекорден број односно 55 Американци в недела, 23 септември, ќе пристигнат во Македонија за да служат како волонтери во Мировниот корпус. Тие ќе го споделат своето знаење и искуство волонтирајќи во училишта и организации во Македонија.
Волонтерите ќе бидат пречекани на аеродромот од страна на директорот на Мировниот корпус во Македонија, Марк Ханафин, како и дел од вработените. За време на нивниот двогодишен престој во Македонија, тие ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, дефектолози во дневните центри за лица со посебни потреби, како и во областа на развојот на заедниците во невладини организации и општини. Мировниот корпус е американска владина организација и ги реализира своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа и со Министерството за труд и социјална политика.
Ова е 23-та група на волонтери кои ќе живеат и работат во градови и села низ Македонија. Во текот на првите три месеци, волонтерите ќе ги изучуваат локалните јазици и ќе се запознаат со македонската култура. Својата служба во Македонија ќе ја почнат во декември. Повеќе од 750 американски државјани служеле во Македонија од 1996 година.