Водостопанство вработува 116 нови лица за плата од 12.500 до 24.000 денари. Ова се случува во предизборен период, кога законот налага да се замрзнат вработувања во администрација и државни фирми, пренесува „Сител“.
Директорот Илми Селами вели дека се работи за итни и неодложни вработувања.
Потребни му се работници кои ќе ги чистат каналите за наводнување. На почетокот од предизборието, Водостопанство имаше уште еден оглас за вработување на 140 сезонски работници.
Антикорупциската комисија веќе го истражува случајот со вработувања во Агенцијата за медиуми, каде во предизборието се вработија 9 лица. Од Агенцијата велат дека ангажманот бил согласно Изборниот законик, кој дозволува вработувања во случај на итни и неодложни работи. За министерот за информатичко општество, Манчевски, законот е дециден.
“Ова е прекршување на закон, јасно е, не смее да се вработува после 8ми февруари, така што нема тука никаква дилема и дискусија за таа работа. Во јавноста се слушна дека во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги сè уште се вработуваат луѓе иако е тоа забрането.Така што ние, како што веќе рековме, ќе ги почитуваме сите оние препораки и одлуки кои што ќе ги донесе Антикорупциската комисија”, изјави Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.
Антикорипциска потврди дека ја затвориле постапката за два случаи за непотизам на актуелни политичари и функционери. Министерот Манчевски очекува да се намалат ваквите случаи со најавените законски измени.
По 8ми февруари, кога беа распишани претседателски избори во земјава, вработувања во државни фирми и институции е противзаконско, бидејќи тоа може да укажува на корупција во политиката.