Економија 15.05.2024 09:05

Волстрит порасна, но инфлацијата во САД не се намалува

Волстрит порасна, но инфлацијата во САД не се намалува

На Волстрит, берзанските индекси пораснаа денеска, при што Nasdaq достигна рекордно високо ниво, иако високата инфлација во САД може да ги задржи каматните стапки покачени подолг период од очекуваното.

Dow Jones зајакна 0,32 отсто, на 39.558 поени, додека S&P 500 порасна за 0,48 отсто, на 5.246 поени, а Nasdaq индексот 0,75 отсто, на рекордни 16.511 поени.

Инвеститорите беа внимателни на почетокот на тргувањето вчера, бидејќи новите податоци покажаа дека цените на производителите во САД се зголемија за 0,5 отсто месечно и 2,2 отсто на годишно ниво во април, повеќе од очекувањата на аналитичарите.

Ова значи дека инфлацијата ќе остане покачена подолг период отколку што се надеваа инвеститорите, а исто така значи дека каматните стапки на американската централна банка ќе останат покачени подолго од очекуваното.

Тоа го изјави вчера претседателот на ФЕД Џером Пауел. „Не очекувавме дека ќе биде лесно. Но, овие податоци за инфлацијата се повисоки отколку што некој очекуваше. И тоа ни кажува дека треба да бидеме трпеливи и да дозволиме рестриктивната монетарна политика да си ја заврши работата“, рече Пауел на собирот на банкари.

До неодамна, инвеститорите се надеваа дека ФЕД агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, но очигледно тоа нема да биде случај, а намалувањето на каматите е можно дури наесен. Сепак, по вчерашните податоци, стивнаа очекувањата дека ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки во септември.

Сепак, берзанските индекси вчера пораснаа бидејќи инвеститорите беа охрабрени од пораката на Пауел дека не очекува зголемување на каматните стапки и покрај зголемената инфлација.

„Пазарот веќе сфати дека каматните стапки ќе останат покачени подолго отколку што се мислеше. Во последните недели дури имаше прашање дали ФЕД уште еднаш ќе ги зголеми каматните стапки, но Пауел вчера рече дека тоа не се разгледува сега“, вели Линдзи Бел, аналитичар во 248 ventures, објаснувајќи зошто индексите на берзата пораснаа. Денеска ќе биде објавен извештајот за потрошувачките цени во САД, што исто така може да влијае на насоката на пазарот.

Аналитичарите во анкетата на Ројтерс проценуваат дека основната стапка на потрошувачки цени, која не ги вклучува цените на храната и енергијата, може да се зголеми за 0,3 отсто на месечно ниво во април, а 3,6 отсто на годишно ниво.

И на европските берзи вчера претпазливо се тргуваше. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,16 отсто, на 8.428 поени, а париски CAC се зголеми за 0,20 отсто, на 8.225 поени. Франкфуртскиот DAX се лизна, пак, за 0,14 отсто, на 18.716 поени.