Економија 19.04.2018 18:17

Вработените во „Еурокомпозит“ повторно го блокираа патот Градско-Прилеп

Вработените во „Еурокомпозит“ повторно го блокираа патот Градско-Прилеп

Дел од вработените во прилепскиот загубар-државната компанија „Еурокомпозит“ денес со нови протести. Во временскиот интервал од 11 до 14 часот го блокираа  регионалниот пат од Градско до Прилеп.

Според претседателот на Синдикалната организација, Роберт Богданоски причина е игнорантскиот однос од Владата за решавање на проблемите на вработените и нивните барања за редовна исплата на бруто плата и назначување на новиот менаџерски тим со цел непречно одвивање на процесот на производство.

Доколку барањата не се исполнат протестите ќе продолжат и ќе се радикализираат. Утре блокадата се најавува да биде 3 часа и да се зголемува секој ден за 1 час, а за следната недела синдикалците најавуваат протести во Скопје и поставување на шатори пред Владата:

„Вчера во телефонски разговор со новиот претставник на државниот капитал Софија Јованоска,  не’ извести дека била долга процедурата за наименување на директор и дека треба да работиме уште 30 дена, па потоа да земеме плата. Работниците беа известени и настана револт, па така решивме да продолжиме со нашите протести се до конечно решавање на нашава ситуација или во најкраток рок – исплата на една плата“.

Дел од вработените се наоѓаат на своите работни места каде што е неопходно да се затвори процесот на работа. И тие си ја обавуваат својата работа.