Актуелно 28.08.2018 14:37

Вучиќ: Малкумина во светот знаат кои се границите на Србија, а кои на Косово

Вучиќ: Малкумина во светот знаат кои се границите на Србија, а кои на Косово

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Белград ги прими заменикот на претседателот на фракцијата ЦДЅ/ЦСУ во германскиот Бундестаг, пратеникот Јохан Вадефул и советникот за надворешни работи на оваа фракција Ханс-Јоаким Фаленски.

На средбата, како што соопштија од кабинетот на Вучиќ, пратеникот Вадефул меѓу останатото ја  истакнал позицијата на Германија во врска со промената на границите, која ја има дефинирано канцеларката Ангела Меркел, поддржувајќи ја притоа подготвеноста на Белград и Приштина за продолжување на дијалогот и нормализација на односите.

Вучиќ на состанокот им пренел на германските преставници дека „малку кој во светот со сигурност знае кои се границите на Србија, а кои на Косово“, порачувајќи дека поради мирната иднина на Србија и на целиот регион, работи на постигнување на компромисно решение за Косово, кое би ги заштитило српските државни и национални интереси.

– Вучиќ посебно го истакна значењето на Берлинскиот процес, кој го има иницирано канцеларката Ангела Меркел, за мир и стабилноста на Западниот Балкан, се наведува во соопштението на Кабинетот на српскиот претседател. (МИА)