Актуелно 15.07.2026 09:43

За две години вложени над 21 милион евра во спортот, реализирани и започнати 60 капитални проекти

За две години вложени над 21 милион евра во спортот, реализирани и започнати 60 капитални проекти

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Владата во изминатите две години инвестирала над 21 милион евра во спортот, при што, како што наведуваат, се реализирани и започнати вкупно 60 капитални спортски проекти низ државата.

Според партијата, инвестициите опфаќаат изградба на нови спортски сали, базени, атлетски патеки, реконструкција на стадиони и мултифункционални игралишта, со цел подобрување на условите за спортистите и развој на спортската инфраструктура.

Во соопштението се посочува дека во тек е изградба на спортски сали во Радовиш, Крушево, спортската сала „Расадник“, салата на УКИМ, како и нови спортски сали во Општина Аеродром и на Воената академија. Дополнително, се градат атлетски патеки во Велес и Гевгелија, трибините на Градскиот стадион во Тетово, како и девет базени на повеќе локации во државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие проекти претставуваат доказ за, како што наведуваат, зголемената поддршка за спортот, истакнувајќи дека е воспоставен и потранспарентен систем за распределба на средствата со јасни критериуми, со цел финансиската поддршка да стигне до спортистите, клубовите и спортските федерации.

Во партиското соопштение се прави споредба со претходната власт, при што се наведува дека, за разлика од минатото, сега спортот добива конкретни инвестиции и реализација на проекти.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека ќе продолжат со инвестиции во спортската инфраструктура и поддршка на спортистите, оценувајќи дека спортот останува еден од приоритетите на Владата.