Финансии 29.09.2023 13:51

ЗА ЕДНА ГОДИНА КРЕДИТИТЕ НА ФИРМИТЕ ИМ ПОСКАПЕЛЕ ЗА ДВА ПРОЦЕНТНИ ПОЕНИ – еве какви се другите каматни стапки

ЗА ЕДНА ГОДИНА КРЕДИТИТЕ НА ФИРМИТЕ ИМ ПОСКАПЕЛЕ ЗА ДВА ПРОЦЕНТНИ ПОЕНИ – еве какви се другите каматни стапки

Народна банка на Македонија излезе со најнови податоци за движењето на каматните стапки во земјава.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити, во август годинава изнесува 5,49 отсто и е непроменета на месечна основа, додека на годишна основа е зголемена за 1,15 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити бележи месечен и годишен раст од 0,05 п.п. и 0,86 п.п., соодветно и изнесува 1,55 отсто.

Во август, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити бележи месечно намалување од 0,04 п.п. и изнесува 5,53 проценти, а на годишно ниво е зголемена за 1,49 п.п.

Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 2,17 отсто и е пониска за 0,04 п.п. на месечна основа, при годишен раст од 1,25 п.п.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор, во август, остана на истото ниво од 5,36 отсто како и претходниот месец, додека на годишна основа оваа каматна стапка е повисока за 1,81 п.п.

Во август, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува 5,73 отсто и забележа месечен пад од 0,02.

Во споредба со август минатата година, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е зголемена за 2,01 п.п. Ова всушност значи дека за една година на фирмите кредитите им поскапеле за два процентни поени, и од тие причини многу компании се жалат дека се значајно зголемени нивните трошоци на работење.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, овој месец е зголемена за 0,06 п.п. и изнесува 2,08 отсто.

Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,61 отсто и се задржа на истото ниво од претходниот месец, додека на годишно ниво оствари раст од 0,54 п.п.

Во август, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, оствари месечно намалување од 0,08 отсто и изнесува 5,24 отсто.

На годишно ниво, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата бележи пораст од 0,75 п.п.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата овој месец изнесува 1,50 отсто и бележи месечен раст од 0,06 п.п. Споредено со август минатата година, оваа каматна стапка е повисока за 0,84 п.п.

Во август, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е намалена за 0,08 п.п. на месечно ниво и изнесува 2,32 отсто. Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата на годишно ниво е зголемена за 1,35 п.п.