Захир Беќири – Чауш стана дел од Институтот за стандардизација (ИСРМ), кој е формиран од владата. Од Институтот велат дека не сакаат да излегуваат со детали додека не добијат мислење од Комисијата за заштита на лични податоци дали со излегувањето податоци во јавноста за нивните вработени не им ги прекршуваат правата, објавува Независен.мк.
„Можеме да ви кажеме дека лицето за кое што прашувате не е вработено ниту на определено, ниту на неопределено време. На 14 февруари испративме барање до Комисијата за заштита на лични податоци да ги прашаме дали смееме да објавиме податоци за лицата што кај нас се под договор на дело. Додека не добиеме одговор, не би коментирале ништо“, велат од Институтот за стандардизација за „Независен весник“.
Браќата Захир и Имер Беќири беа обвинети за фалсификување на лични карти, пасоши како и за изработка и набавка на оружје.
Случајот во јавноста е познат како „Фабрика за афери“ и предизвика бурни реакции на политичката сцена.
Во мај 2016 година, Основниот суд Скопје 1 пресуди затвор од 2.5 години за Чауш, односно една година затвор за неговиот брат.
Институтот за стандардизација е формиран во март 2003 година, врз основа на Законот за стандардизација и Одлуката на Владата како посебна јавна установа, одделувајќи се од Заводот за стандардизација и метрологија.
„Со Законот за стандардизација се уредуваат целите и принципите на македонската национална стандардизација, статусот на ИСРМ како и неговите задачи, зачленувањето и неговото финансирање, подготовката, усвојувањето и објавувањето на македонските национални стандарди и нивната примена. Со Статутот на ИСРМ се уредува името, седиштето и организацијата на ИСРМ, неговата дејност, застапувањето и претставувањето, органите и нивните надлежности и одговорности, правата и обврските на членовите на ИСРМ, финансирањето и други прашања во врска со неговото работење“, наведува Институтот за својата работа.