Економија 16.01.2025 09:12

Заврши новогодишната кошничка, од денеска ќе се знае дали цените ќе се вратат на старо

Заврши новогодишната кошничка, од денеска ќе се знае дали цените ќе се вратат на старо

Новогодишната кошничка, што траеше еден месец, а со која беа намалени цените на дел од прехранбените производи, заврши. Од денеска ќе се знае дали цените што беа намалени ќе се вратат на старо.

Надлежните се задоволни од новогодишната кошничка бидејќи, според нив, таа дала ефекти и цените на храната и пијалоците во декември бележат намалување во однос на ноември. Граѓаните со забелешка дека нема некоја голема промена во намалувањето на цените, а од опозицијата, ваквите мерки ги оценија како целосно промашени.

Од Министерството за економија и труд очекуваат ефектите од новогодишната кошничка да се потврдат и со статистичките податоци за јануари во однос на декември и најавуваат дека ќе се продолжи со мерки и политики со кои ќе се заштити стандардот на граѓаните.

– Се очекува и во статистичките податоци за јануари 2025 година во однос на декември 2024 година да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци. Благодарност до сите производители, дистрибутери и трговци кои се приклучија и учествуваа во оваа акција и ги намалија цените на прехранбените производи и на дел од пијалоците за време на новогодишните и божиќните празници, велат од Министерството за економија.

Новогодишната кошничка беше креирана на иницијатива на бизнис секторот и вклучуваше 1178 производи од 96 производители и дистрибутери. Во акцијата беа вклучени 51 маркети. Креирана како иницијатива на бизнис секторот, за новогодишната кошничка немаше владина одлука, а Државниот пазарен инспекторат можеше да врши само мониторингот на цените во согласност со Законот за заштита на потрошувачи и Законот за трговија, односно да мониторира дали има отстапки во однос на цените на производите кои се во Новогодишната кошница и најниските цени на истите производи кои биле во последните 30 дена.

На самиот старт на новогодишната кошничка имаше реакции од јавноста дека за сметка на одредени прехранбени производи коишто се намалени, значително поскапеле други производи кои не беа дел од кошничката. Надлежното Министерство за економија и труд апелираше до трговците да се придржуваат до договореното, најавувајќи дека доколку тоа не се случи, ќе се активира одлука за замрзнување на цените или ограничување на маржите но до тоа не дојде.

Од опозициската СДСМ вчера излегоа со став дека политиките на Владата се погрешни и дека наместо да се намалат цените, во изминатиот период зголемени се цените на дел од основните прехранбени производи.

– Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4 проценти, а цените на основните производи пораснале за 4,3 проценти. Се зголеми и инфлацијата, во декември 2024 година е за 4,4 проценти повисока. Овие податоци јасно укажуваат дека политиките на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и погрешни, изјави вчера портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Во декември, пораст од 840 денари забележа и синдикалната минимална кошничка во однос на ноември. Нејзината висина изнесуваше 62.861 денар, а со трошоците за изнајмен стан од 60 м2, минималните трошоци на едно четиричлено семејство беа проектирани на 78.236 денари. За храната и пијалоци во декември, според пресметките на синдикатот, минимум биле потребни 23.075 денари што е зголемување за околу 40 денари во споредба со септември.

Од Сојузот на синдикати, кој ја изработува синдикалната кошничка, тогаш оценија дека загрижува тоа што трговците го искористиле периодот пред стапување на сила на последната акција и евидентно ги зголемиле цените.

Статистичките податоци за декември во делот на трошоци на живот покажуваат дека на годишни ниво има зголемување од 4,4 проценти, а на месечно ниво за 3,5 проценти. Цените на мало на годишно ниво се зголемени за 4,3 проценти, а на месечно ниво за 3,8 проценти.

Најнови вести

Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска беше презентиран дел од опремата за Армијата набавена со поддршка од Европската Унија преку Европскиот мировен фонд. -Ова е првиот пакет на опрема што пристигна, зборуваме за пакет од околу 40 милиони евра и плус дополнителни два милиони евра за балканските медицински цели, истакна министерот Владо Мисајловски. Имено, министерот упати благодарност кон амбасадорот на Европската Унија во земјава Михалис Рокас како и на целиот негов тим, на претставниците што се тука и на претставниците што се од Брисел. -Работиме секој еден ден за што повеќе опрема да добиеме, сакам да истакнам дека станува збор за целосен грант, директни средства од Европската Унија. Поради нашата заедничка европска безбедносна политика, поради нашиот однос заради она што помагаме во мисиите, зошто имаме постојана комуникација, сето ова е еден плод на соработката и се надевам дека ќе има уште многу вакви настани каде што ќе видите и доплнителна опрема, како и оваа опрема позади мене е една од најквалитетните, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, амбасадорот на Европската Унија во земјава Михалис Рокас и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски. За време на настанот освен презентација на опрема, беше изведена показна вежба од страна на припадниците на Армијата.