Финансии 15.05.2018 12:35

ЗОШТО ДОМАШНИОТ ЕСАП НЕ ИЗЛЕГУВА НА ПАЗАР: Еден ист производ на полица со една цена, на каса со друга!

ЗОШТО ДОМАШНИОТ ЕСАП НЕ ИЗЛЕГУВА НА ПАЗАР: Еден ист производ на полица со една цена, на каса со друга!

Кој и зошто ги лаже граѓаните? Еден ист производ на полица со една цена, на каса со друга! Маркетите се вадат на ситни грешки, граѓаните нема кој да ги заштити… масовно се занемаруваат разлики од 1,2 или 5 денари.

Измешаните цени под производите на рафтовите во продавниците се само еден од триковите со кои трговците ги тераат купувачите да потрошат повеќе пари. Нема маркет во државата во кој под барем неколку производи не стојат погрешни цени. Ова најчесто се случува кога во низа се наредени производи од иста марка, но од различен вид, како на пример шампони за коса. Во ваквите случаи многу често најниската цена е под најскапиот производ.

Купувачите на ова различно реагираат. Некои си премолчуваат и си го плаќаат тоа што го земале, некои пак засрамено го враќаат производот, зашто немаат доволно пари, а некои пак гласно реагираат барајќи од продавачите да си ги средат цените.

-Пред некој ден пазарев и еден од производите кој го земав од рафт беше на акција, запишано означено со големе букви и бројки, кога стигнав на каса, се појави старата цена, изреагирав, а на тоа добив одговор дека се уште не е внесена новата цена во компјутерот, и затоа треба да платам по старата цена, а акцијата им беше од вчера, вели Даниела од Кисела Вода.

– Многу пати ми се случило да земам производ со една, а на касата да ми исчукаат друга цена. Не верувам дека ова не е намерно, зашто ниту еднаш до сега на касата не се покажала помала, туку секогаш за 10, 20, 30, па и неколку стотини денари повисока цена, вели Ана од Скопје.

Занемарливо мал е бројот на продавниците за стока за широка потрошувачка кои имаат таканаречени читачи на цени кои стојат покрај самите рафтови. Во нив купувачите се на чисто и не паѓаат на итроштините на трговците. Но, не знаат сите за нив или не знаат да ги користат, па и во ваквите продавници цените не се коректно поставени под или над производите.

– Во една продавница која се рекламира дека има најниски цени земав бисквити со трговската марка на маркетот, кои беа на промоција и со цена од 25 денари за 150 грама. Во купот имаше и неколку пакувања од 300 грама, за кои немаше цена, но ги земав под претпоставка дека не може да се повеќе од двојно поскапи. На касата ми пресметаа 195 денари. Се засрамив и ги платив, а всушност требаше да се срамат тие, вели една жителка на Карпош.