Актуелно 30.07.2018 11:51

Зошто животот на младиот Мартин Јанушев е помалку вреден?

Зошто животот на младиот Мартин Јанушев е помалку вреден?

Поминаа 8 месеци од убиството на младиот Мартин Јанушев, а ОЈО се уште не може да состави обвинение за убиство.

Исто така и на официјалната страница на МВР нема  никакви информации за потрагата на убиецот на Јанушев.

 

Зошто животот на 28-годишното момче е помалку вреден од животот на другите слични случаеви каде што Јавното Oбвинителство успејало за брз период да направи обвинение?

Јавноста го памети случајот каде што беше убиен Мартин Нешкоски на 06.06.2011 година.

Осомничениот по два дена веднаш беше изведен пред истражниот судија, за да во октомври, истата година, обвинението станува правосилно и по четири месеци, убиецот ја доби заслужната казна.

Имено, Мартин Јанушев беше убиен на 4-ти ноември, 2017 година во скопскиот Аеродром при што веднаш на социјалните мрежи беше лоцирано лице кое беше посочувано како убиец на младото момче.

Во јавноста и на социјалните мрежи, постојано има низа на реакции поради тоа што МВР се обидува да го заташка убиството.

За Филип Секуловски има распишано меѓународна потерница, но на официјалната страница на МВР не стои за кое кривично дело се бара, дали потерницата е поради убиството на Мартин или поради тоа што тој е бегалец од Идризово каде беше на издржување затворска казна, а ден пред Јанушев да биде застрелан, Филип беше пуштен од затворот на слободен викенд, по што му се губи трагата

Критичната ноќ неколку часа по ликвидацијата на Мартин, на социјалните мрежи беше посочувано лице како наводен извршител на ликвидацијата. Истиот тој беше поврзан и со фантомската агенција за обезбедување „Омерта“, но, овие наводи беа демантирани од истражните органи.

Чаршиската истрага, побрза од онаа на полицијата и обвинителството, ден по убиството на Јанушев го лоцираше и Филип Секуловски како наводен извршител на убиството, по нарачка на тајниот сопственик на „Омерта“. Две недели по шпекулациите обвинителството се одважи да распише меѓународна потерница по Филип, но до денеска никако да докаже дека токму Секуловски критичниот 7 ноември го повлекол орозот на пиштолот, нишанејќи во Мартин.