Актуелно 18.08.2018 14:22

Коњаноска: Охрид не само што не е подобро поврзан со светот, туку станува поизолиран

Коњаноска: Охрид не само што не е подобро поврзан со светот, туку станува поизолиран

Втората половина на август во Охрид е период од годината кога се сумираат првичните резултати од тековната туристичка сезона, или во најмала рака се прави пресек на истата. Ако се има предвид долгата листа на предизборни ветувања на сегашните властодршци  во Охрид и нивната содржина, ова требаше да биде сезона, ова требаше да биде година, која ќе ја одбележат многубројни и значајни промени на добро во овој град, истакна на прес-конференција д-р Гордана Коњаноска советник во Советот на град Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и додава:

„За жал, промените кои ни се случуваат не сѐ она што беше ветувано, не се на добро и не го водат Охрид во насока на развиен и просперитетен град кој ќе ги врати назад младите, ќе привлече повеќе туристи или ќе ја продолжи сезоната. Охрид не само што не е подобро поврзан со светот, туку станува поизолиран. Наместо проширена листа на редовни авионски врски на Охрид со значајни европски центри која беше ветена, ние наскоро ја губиме редовната линија за Лондон. Автопатот ќе го чекаме уште долги 4 години. И ништо нема да им промени на оние кои евентуално требаше да дојдат од Лондон или да отпатуваат таму, никакво објаснување за транспарентност, тендери, три плика итн. Ја повикуваме јавноста да преброи колку пати оваа година Охрид се најде на насловни страни  на  специјализирани списанија и магазини за туризам со светска читаност? Kолку репортажи за Охрид беа објавени во глобални медиуми, колку промоции за Охрид беа направени и во колку европски престолнини?“

Коњаноска запраша конечно, на кој начин ја промовираме како туристичка дестинација и земјата и Охрид, како замена на толку критикуваната меѓународна промоција која ја испраќаа во најглобалниот етер рекламните спотови од типот на „Македонија вечна”?

– Беше ветена обмислена стратегија за заразвој на туризмот во овој град. Наместо тоа, ги гледаме првите луѓе на некои јавни претпријатија кои се должни да направат сѐ, ама баш сѐ што е потребно, градот да им го претставиме на туристите во своето најдобро светло, како излегуваат на медиуми и се жалат дека туристите не ни биле највоспитани па ни го валкале градот повеќе отколку што треба. Излишно е по којзнае кој пат да се споменува урбаната опрема, крофните, скарите и начинот каде и како се распослани. Она пак, на кое мора постојано да се потсетува се секако ветувањата кои стигнаа и од локалната и од централната власт дека ќе дојде до брзо решавање најгорливиот проблем на градот, на колекторот. Колку што беше гласно и повеќекратно истото ветувано, толку е позглушлив сега молкот кога се поставуваат прашања поврзани со колекторот, независно дали се испровоцирани со некакви прелевања кои не смеат да ни се случуваат, или не се. Вака со сигурност не се гради просперитетна локална заедница, вака не се гради ниту општество за сите, ниту се создаваат услови за живот кои ќе ги привлечат назад во Охрид оние кои единствено можат да му обезбедат иднина на овој град, младите и способните, додаде на прес-конференцијата советничката Коњаноска.