Граѓаните од денеска добија нова празнична честитка – драстично поскапување на горивата. Како никогаш до сега за прв пат бензинот стигна до 70 денари за литар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Се зголеми цената на дизелот, мазутот и на екстра лесното масло за домаќинствата.
ЕУРОСУПЕР 95 се зголеми за 2 ден, 98-цата и дизелот поскапеа исто за 2 денари за литар, а порасна и цената на мазутот – сега за килограм ќе чини 30,037 денари. Граѓаните бесни на низата поскапувања. Велат новиот ценовен шок со бензините не е добро да се случува постојано, а камо ли за време празници.
Колку за споредба ако во декември лани, дизелот се продавал за 55 денари за литар, сега цената е зголемена на 62 денари, што е поскапување од 7 денари за само четири месеци.
Дека задолжувањето го проби плафонот и психолошката граница е надмината, се огласија и од опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за прв пат во Македонија јавниот долг надминал над 5 милијарди евра, а државниот преку 4 милијарди. Според Владимир Нелоски економијата тоне, а државата на раб на банкрот.
– Ова црно економско трио за само три месеци од 2018 година успеа да ја задолжи државата и граѓаните за дополнителни 300 милиони евра. За толку е пораснат и државниот и јавниот долг од крајот на 2017-та година до крајот на март 2018 година. Тоа е задолжување од над три милиони евра на ден. Три милиони евра дневно за покривање на расипништвото на криминалниот картел во владата. Клептоманите и измамниците во владата ветуваа независен фискален совет кој ќе го запрел непродуктивното трошење и задолжувањето. Замислете што ќе се случеше ако не го ветеа? Ќе ни влегуваа по дома и ќе не ограбуваа, изјави Владимир Неловски.
Во меѓувреме, според Статистика, платите на граѓаните се намалуваат, а трошоците за живот растат. Просечната плата во февруари е помала за 867 денари од платата во јануари. Тоа значи дека само еден месец траеше вештачката еуфорија на власт за висината на просечната плата, што е пад за 3%, а граѓаните живеат полошо од пред една година.
Одлуката на владата за повисоките давачки за нафта, предизвика и пораст на крајната цена на дел од производите. Најпогодени во целата ситуација се граѓаните, врз кои падна најголемиот товар од кои се плашеа, кој директно им удри врз и онака празниот џеб.
Инаку, бранот поскапувања почна од 1 јануари годинава како новогодишна честитка, со зголемување на акцизата на нафтата за 3,5 денари.
Извор: Алфа