Студентите гневни и револтирани од состојбите во образованието во Република Македонија, последниот случај за кои тие се изреволтирани е доцнењето на списоците за сместување во студентските домови.
-Секоја година излегуваат на 31 август, а сега веќе е четврти септември, а не сме ни почнати со вселувањето. Студентите одат со куфери, бидејќи некои имаат за полагање, а не сме ни сместени во домот, вели еден од студентите кои денеска протестираа пред Министерството за образование.
Друг студент пак вели дека вчера биле во министерството од каде им било кажано дека минути се во прашање за резултатите да бидат објавени, но дека се уште нема ништо.
-Чекаме веќе два дена, од вчера сабајле, седевме во управат во Кузман додека да заврши работното време и денеска од сабајле сме пак во студентските домови, ама нема никаква информација кога ќе добиеме резултати. Значи чекаме веќе многу време, чекаме пет дена, вели една студентка.
Уште една студентка се пожали за состојбата.
-Ништо, ќе останеме да си чекаме, сепак ние сме студенти. Нашиот глас дали ќе се слушне, дали не не знаеме, а имаме за учење, зошто професорите нема да не прашаат кога сме учеле како сме учеле, дали сме учеле, туку треба да покажеме знаење. Единствено што бараме е легло, за да одиме да учиме, вели уште една студентка.
Тие се жалат дека од министерството се уште ништо не им кажуваат, дека ќе биде те за еден час, те утре.