Веќе повеќе пати видовме дека оваа власт е тотално корумпирана. Не може поинаку да се објасни фактот дека истите се прават дека не знаеле оти после 30-ти август ги изненадило тоа што доаѓа 1-ви септември, па морале да распишуваат итни набавки на учебници за учениците да може да ја почнат школската година, обвинува Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Нема ден да помине, во оваа криминогена влада предводена од Зоран Заев, а да не излезе нов скандал и сомнежи за криминал. Последниот во низата е сомнителната набавка во Министерството за образование и наука каде во 4 очи се доделени 27 договори во вкупен износ од 7,5 милиони евра. Внимавајте, 7,5 милиони евра за кои немало објавување на оглас во рок од три дена. Имено во периодот од 14 до 16 август под превезот на агресивната кампања за референдумот која што во моментов ја води Владата на СДСМ, 7,5 милиони евра народни пари се потрошиле без наддавање, без тендер со јасни критериуми. Кој е одговорниот што задоцнил со распишување на тендер за набавка на учебници и колкава е разликата во цена, односно колку повеќе пари на граѓаните се испумпани од буџетот за оваа намена? Сега е комплетно јасно дека криминалниот картел на власт го укина бирото за јавни набавки за да може вакви големи зделки да поминуваат глатко во крајно сомнителни постапки, вели Арсовски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ на овој начин ги замислува и практикува европските вредности.
-Ова е методологијата на власта на Зоран Заев и на СДСМ, а тоа е арамилак на секој чекор, сомнителни тендери, иновативно испумпување на народни пари во фирми на партиски функционери од власта, урнисување на секоја област во државата и осиромашување на Република Македонија и граѓаните на Република Македонија. Ова се реформите кои ги ветуваше СДСМ во образованието пред изборите, да се делат милиони во 4 очи. Наместо да се инвестира во иднината на младите очигледно се инвестира во сомнителните зделки. На грбот на децата се богатат фирми со сомнителни договори. Вака СДСМ ги замислува и практикува европските вредности. Власта на Заев секој ден го покажува недостатокот на капацитет за европски интеграции. Јавноста гледа како Зоран Заев само ја пресликува својата работа од општина Струмица на ниво на целата држава. Заради ваквите матни бизниси државата ни тоне, економијата крахира, здравството и образованието ни е во колапс. Вака Заев не може на Македонија да и обезбеди ниту иднина, а не пак европска иднина, порачува Арсовски.