Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на вториот ден од официјалната посета на Чешката Република, оствари средби со претседателот на чешката Влада, г. Андреј Бабиш и со претседателите на Сенатот и на Долниот Дом на чешкиот парламент г. Милан Штех и г. Радек Вондрачек.
На средбата со претседателот на чешката Влада, г. Андреј Бабиш, двајцата соговорници ја потврдија подготвеноста за унапредување на меѓусебното пријателство и поддршка на билатерален и мултилатерален план.
Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија особено ја цени конзистентната и принципиелна поддршка од Чешка за нашите врвни стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ, како и принципиелната употреба на нашето уставно име.
Претседателот Иванов уште еднаш изрази задоволство од севкупната соработка и поддршка од Чешка за време на бегалската и мигрантската криза.
„Посебно ја цениме соработката меѓу Македонија и Чешка поврзана со мигрантската криза и благодарни сме за доделената помош на македонската полиција за нејзино успешно менаџирање. Ваквата соработка претставува потврда дека Чешка е вистински пријател на Македонија“ истакна на средбата претседателот Иванов.
Претседателот Иванов и премиерот Бабиш на средбата разменија информации и мислења во однос на бегалската и мигрантската криза.
Претседателот на Сенатот на Парламентот на Чешката Република, г. Милан Штехи претседателот на Долниот Дом на Парламентот на Чешката Република,г. Радек Вондрачек, на средбите со македонскиот претседател изразија задоволство од развојот на билатералните односи и дадоа поддршка за остварување на македонските стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО.
Првите луѓе на чешкиот парламент изразија подготвеноста за јакнење на соработката меѓу парламентите на двете земји со цел унапредување на законската легислатива во областа на миграциите, како и размена на податоци и искуства во справувањето со мигрантската и бегалската криза.
На средбите беше искажана подготвеноста за продолжување на помошта од Чешка за Република Македонија на нашата јужна граница.
Со денешните активности Иванов ја заврши дводневната официјална посета на Чешката Република. Вчера во Прага македонскиот претседател оствари средба со чешкиот претседател Милош Земан, од каде беа испратени пораки за актуелната политичка состојба во Македонија.