Црковните великодостојници го потврдија ставот дека името на Македонската православна црква останува непроменето. Во годината кога се одбележува јубилејот 1000 години Охридска архиепископија, Архиепископскиот црковно- народен Собор на јубилејното заседание што се одржува во Струга и Охрид донесе Резолуција во која првиот заклучок се однесува за неменување на името на МПЦ.
-Членовите на Црковно- народниот собор воедно упатуваат апел за национално единство и искрен и молитвен повик до сите политички субјекти во земјата за одговорен пристап во овој исклучителен и полн со предизвици период за нашата земја, да се употребат сите сили за запазување на националниот и духовниот идентитет на македонскиот народ и се што е Македонско, изјави Митрополит Тимотеј, портпарол на МПЦ – ОА.
Со Резолуцијата која Соборот ја усвои по пет часовна работа зад затворени врати, се врши измена на повеќе членови на Уставот на црквата, меѓу другото и на името на МПЦ и титулата на поглаварот.
Се дополнуваа чл. 2 од Уставот на МПЦ, кој ќе гласи: „Македонската православна црква- иаториска и правна наследничка на Охридската Архиепископија и на Јустинијана Прима, има достоинство на Архиепископија и се именува Македонска Православна Црква- Охридска Архиепископија, а во комуникацијата Македонска православна црква“.
-Се дополнува чл. 9, став 2 од Уставот на МПЦ кој ќе гласи: „Титулата на Архипископот е Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и се ословува со „Ваше Блаженство“, соопшти митрополит Тимотеј.
Соборот го корегира и член 23 од црковниот Устав со што викарните епископи се исклучуваат од Пленарниот состав на Синодот и немаат право на глас. Усвоена е и одлука за поделба на Полошко-кумановска епархија на две засебни: Тетовско–гостиварска и Кумановско-Осоговска православна епархија. Прецизирани се границите на епархиите во земјата и дијаспората, кои со уставните измени добиваат засебен правен статус.