8.200.000,00 денари, со вклучен ДДВ е вкупната вредност на набавката која ја планира град Скопје за шест хибридни возила.
За оваа денеска информираа од градот од каде велат дека набавката е морална поради застарениот возен парк и недостигот на возила за навремено извршување на работните задачи на администрацијата .
„Поголем дел од возилата кои се на располагање во возниот парк и секојдневно се користат по потреба за администрацијата на Градот се од типот еуро 4, се амортизирани од повеќегодишна експлоатација, дотраени и постојано се сервисираат“, посочуваат од Градот Скопје.
Градоначалникот Шилегов вели дека набавката на нови хибридни моторни возила ќе овозможи поефикасен, поекономичен и побезбеден превоз на вработените во администрацијата во Градот Скопје и на другите корисници на услугите на превоз.
„Овие возила ќе ги користат инспректорите, службите од урбанизам, животна средина, сообраќај и другите служби од Градот кои се на терен. Патничкото транспортно возило за превоз на девет патници ќе се користи за превоз на поголем број лица на администрацијата и на домашни и гости од странство при работни посети“, кажа Шилегов додавајќи дека споредено со потрошувачката на старите автомобили, што моментално ги користи градската администрација, најголемата предност на хибридните возила е тоа што емитуваат значително помалку ЦО2, што речиси воопшто не го загадуваат воздухот и се идентификувани како клучна технологија за намалување на идните емисии и потрошувачката на енергија во секторот за мобилност.