Финансии 11.05.2018 11:43

Епл се откажа од изградба на податочен центар во Ирска

Епл се откажа од изградба на податочен центар во Ирска

Американскиот технолошки гигант Епл соопшти денеска дека се откажал од планираната изградба на податочен центар во Ирска, вреден 850 милиони евра, поради судска битка со активистите за заштита на човековата околина кои сакаат да ја зачуваат шумата на местото на планираниот проект.

– Пред неколку години поднесовме барање за издавање на дозвола за изградба на податочен центар во Атенри. И покрај нашите напори, доцнењата во постапките за издавање на дозвола нė принудија да се свртиме кон други планови и нема да можеме да продолжиме со изградбата на податочен центар – објави компанијата.

Во октомври минатата година, во Епл беа убедени дека ќе добијат зелено светло откако судијата на Врховниот суд ги отфрли жалбите на тројца активисти кои беа загрижени за влијанието на проектот врз околината, со оглед на предвидената површина од речиси 1,8 милиони метри квадратни, односно некои 40-сеттина фудбалски игралишта.

Потоа минатата недела Судот ги прифати барањата на активистите да ги слушне нивните жалби, што значи дека постапката дополнително ќе се оддолжи.

Проектот беше најавен пред три години и требаше да биде најголемата приватна инвестиција во западна Ирска. Во Владата проценија дека би се отвориле околу 300 работни места во градежниот сектор и 150 работни места на неопределено.

Европското седиште на Епл во Корк, на југот на Ирска, во последно време сė почесто се соочува со проблеми.

Така во април ирската Влада објави дека по налог на Европската комисија(ЕК) потпишала решение според кое американскиот технолошки гигант мора во државниот буџет да уплати 13 милијарди евра данок заради намалените даночни обврски, оквалификувани како незаконска државна помош.

Даблин тврдеше дека Епл од 2004 до 2014 година ги подмирил сите свои обврски кон ирската држава, отфрлајќи ги обвиненијата за „селективен третман“.

Во ЕК, пак, заклучиле дека Епл плаќал данок на добивка во европското работење по ефективна стапка од само 0,005 отсто, односно 50 евра на заработени милион евра.

 

Најнови вести