Светското фудбалско првенство, што летоска се одржа во Русија, за тамошната економија во периодот 2013-2018 значеше приход од 952 милијарди рубљи, или околу 12,5 милијарди евра, објави Организациониот комитет на Мундијалот.
Во „Студијата за економски, социјални и еколошки влијанија на Светското првенство во Русија“ се потенцира дека позитивниот ефект се манифестира меѓу другото во зголемената туристичка потрошувачка, инвестициите во инфраструктурата и други фактори.
Вкупно во Русија, според податоците на Организацискиот одбор, за подготовката и одржувањето на Светското првенство во фудбал, што се одржа од 14 јуни до 15 јули на 12 стадиони во 11 градови, потрошени се 688 милијарди рубљи, малку повеќе од девет милијарди долари.
Вкупното влијание на Мундијалот се проценува на 952 милијарди рубљи, што е 1,1 отсто од годишниот БДП на земјата, се вели во студијата.
Благодарение на зголемените средства од туризмот во Русија, според податоците, значително биле зголемени приходите од продажба кај малите и средни претпријатија и во период од пет години тие изнесуваат 797 милијарди рубљи.
Врз основа на пресметка на Организацискиот комитет, ефектот на СП во туризмот во следните години ќе биде позитивен и во државниот буџет ќе се слеат меѓу 40 и 70 милијарди рубљи.