Во Македонија може да се измени и дополни во одреден дел постоечкото законодавство што е прилично обемно и секој вид храна посебно се уредува како се складира, означува и како се транспортира.
Измените и дополнувањата се потребни пред се во Законот за безбедност на храна што ќе повлече носење нови два подзаконски акти, но и мали измени и на законите за донација и оние закони кои се однесуваат на даночни политики заради ослободување и стимулирање на бизнисите и операторите со храна, за да сакаат да ја донираат храната. Македонија е на второ место веднаш по Србија и пред Албанија, како земји кои не се членки во ЕУ во однос на Банки за храна.
Ова се дел од заклучоците на денешната јавна презентација и тркалезна маса на тема „Националните и Европските политики и правилници со последиците од фрлање храна: Дали ни е потребен нов Закон за нефрлање храна или промена и унапредување на дел од веќе постоечките закони кај нас?”
Душко Христов, претседател на Банка за храна – Македонија изјави дека домаќинствата се најголеми расфрлачи на храна во Македонија, а најмногу се фрла леб како производ. Бизнисот, посочи, фрла храна, но одреден дел од бизнис заедницата го покрива тој вишок или фрлање на храна.
– Храната од рестораните не се фрла, и во тие ресторани има луѓе со ниски примања. нема некој да не јаде пола плескавица, потенцира Христов.
Во Македонија според нашите истражувања, посочи Христов, 70 до 80 илјади луѓе имаат два до три оброка неделно. Овие податоци се добиени врз основа на вкрстени истражувања во последните три-четири години од страна на 13 организации кои работат во 11 градови во државата. Во Скопје на дневна основа има потреба од минимум 13 илјади и повеќе оброци. Според Христов, не само социјалните случаи имаат потреба од храна, имаат потреба и оние со ниски примања, а тие во Македонија, подвлече, се со најголем број.
– Работиме со институции, но повеќе ќе треба да работиме и работиме со бизнис заедницата бидејќи таа треба да се мотивира што повеќе да донира храна, изјави Душко Христов, претседател на Банка за храна – Македонија.
Светлана Црвенковска, претставник од Македонско здружение на млади правници, ангажирани за истражвуање и анализа на македонското законодавство за донирање, дистрибуција на вишоци на храна нагласи дека Македонија има солидно основно законодавство, но не директно се уредува што значи вишок на храна, кои се непрофитните оператори со храна кои би ја дистрибуирале до сиромашното население, ниту пак има листа на производи што би можеле да се донираат како храна, ниту пак листа на корисници на кои може да се донира овој вишок на храна.
Според Ангела Фриго, Генерален секретар на Европската федерација на Банки за храна – ФЕБА, во Македонија има голем потенцијал особено кога станува збор за развивање на некои следни активности, а суштината е да се поддржат луѓето кои имаат потреба и да се избегне фрлањето на вишокот храна.
На прашањето како ЕУ се справува со овој негативен феномен, Фриго потенцира дека во ЕУ многу се работи на ова прашање односно на губењето храна и информира дека е започната платформа од страна на ЕК за анализа и изнаоѓање решение.
– Во ЕУ осум проценти од населението имаат проблеми со материјалната безбедност и оттука ЕУ работи на тој проблем и се обидува да им помогне. На европско ниво годишно се фрлаат 88 илјади тони храна и тоа од самото производство до крајниот корисник. Половина од овој износ се фрла од самите домаќинства, изјави Фриго, која се наоѓа во прва посета на Република Македонија.