Актуелно 25.10.2018 11:53

Владата целосно потфрли на економски план: За 9 месеци катастрофална реализација на капиталните проекти

Владата целосно потфрли на економски план: За 9 месеци катастрофална реализација на капиталните проекти

Реализираните капитални инвестиции се на алармантно ниско ниво, а тоа води до други опасности за економијата.

Согласно објавените податоци на Министерството за финансии, реализацијата на државните инвестиции во Република Македонија целосно потфрли.

Во изминатите девет месеци од 2018-та  година, реализацијата на капиталните инвестиции на државата изнесува  неверојатно ниски 27,43 отсто од буџетираните капитални инвестиции. Со тоа, капиталните инвестиции и понатаму забележуваат значајна подреализација.

 

Ова е убедливо најмалку во последната деценија. За годинава беа планирани 392 милиони евра за капитални инвестиции.

Кон крајот на минатата година, кога Предлог буџетот за 2018 година, веќе беше влезен во Собранието, премиерот Зоран Заев за време на седницата наменета за пратенички прашања ги повика министрите, замениците министри, пратениците и градоначалниците да доставуваат проекти. Како што рече премиерот „пари има, но стојат бидејќи нема проекти“.

-Треба да ме слушнат сите претставници на граѓаните без разлика дали се пратеници, министри, заменици министри, или се градоначалници и советници, сите треба да мотивираат изработка на проектни документации за капитални проекти. За жал во државава нема проектна документација и некаде си стојат пари на сметки по институции, наменети за одредена реализација на капитални проекти, а не може да се реализираат бидејќи нема проекти, рече Заев на 24 ноември 2017 година.

Тогаш Заев најави дека со Буџетот за 2018 година за првпат ќе има успешно реализирање на капитални инфраструктурни проекти на граѓаните во зависност од капацитетноста и подготовката на проекти за водоводи, канализации, училишта, детски градинки и локални патишта.

-Новото правило во реализација на буџетот за 2018 година кое што го воведовме, има поставено пред себе две цели. Првата цел е да се мотивираат општините, регионите, граѓаните и институциите да создаваат проекти за капитална инфраструктура од било кој карактер и втората цел е да го зголемиме процентот на капитални инвестиции во Република Македонија. Од тој аспект дадовме апел и до сите пратеници и до сите градоначалници и институциите под општините, под државата и центрите за развој на планските региони во Република Македонија. Секој проект кој ќе биде на ниво на главен проект изработен, се доставува до институциите и тој станува комплементарен дел на програмата на соодветното министерство. Конкретен пример, ако градоначалникот на Липково или Василево доставуваат проект за гасификација како главен проект должност е на министерот за екологија и на министерот за транспорт и врски каде ги имаме проектите за канализации буџетирано, да ја дополнат програмата и веднаш да распишат тендерска постапка по основ на главниот проект. Тоа ќе го зголеми процентот на капитални инвестиции, рече тогаш премиерот Заев.

Сепак, на истата собраниска говорница по пола година, кога капиталните проекти заклучно со мај остварија поразувачки резултат од само 11 отсто, одговарајќи на пратенички прашања во однос на капиталните инвестиции и слабата реализација, премиерот Заев сакајќи да избегне одговорност за катастрофалните резултати кажа дека виновник за тоа е претходната влада и наследените проблеми при реализацијата на двата автопата, како и закочената изградба на железницата.

Економистите коментираат дека капацитетот на институциите да ги спроведат јавните инвестиции се од пресудно значење за економскиот раст на земјите во развој како што е Македонија. Ниското ниво на јавни инвестиции покрај тоа што не создава можност за квалитетни јавни услуги за граѓаните, како училишта, градинки, медецинска опрема, но исто така се намалува и обемот на работа за домашните компании.

Владата на почетокот на оваа година се задолжи со еврообврзница од половина милијарда евра за која само по основ на камати треба да се платат 96 милиони евра.

Истовремено, Министерството за финансии редовно повлекува милионски суми и на аукциите на државни хартии од вредност.

Сепак и покрај енормните задолжувања инвестициите во реални проекти изостануваат.