Економија 25.10.2018 14:39

Се зголемува дупката во пензискиот систем, ќе се зголеми ли старосната граница?!

Се зголемува дупката во пензискиот систем, ќе се зголеми ли старосната граница?!

Средствата што државата ги дава за Фондот за пензискo и инвалидско осигурување за редовна исплата на пензиите постојано се зголемуваат, иако податоците покажуваат дека низ годините се зголемува бројот на корисници на пензија, но и бројот на вработени. Експертите предупредуваат дека се неопходни реформи за постигнување одржливост на пензискиот систем, нешто на што работи и Министерството за труд и социјална политика. Некои од нив сметаат дека е потребно зголемување на старосната граница, но во комбинација со минимално зголемување на процентот за придонеси. Иако неодамна имаше информации дека бизнис-заедницата ќе бара зголемување на старосната граница за пензионирање, од МТСП се децидни дека не размислуваат за таква мерка.

– Министерството за труд и социјална политика не размислува да ја зголемува старосната граница за пензионирање и тоа нема да биде дел од пензиската реформа. Анализите за реформата се во тек и она што можеме да го кажеме во овој момент е дека реформата опфаќа пакет-мерки за стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но ниту една од нив не се однесува на покачување на старосната граница за пензионирање, велат од Министерството.

Во прилог на тврдењата дека постојано се зголемуваат средствата од буџетот за ПИОМ одат и податоците на предложениот буџетски ребаланс за годинава, согласно кој, како што посочуваат од Владата, е предвидено алоцирање дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување дополнителни средства во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на правото на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства за Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот врз основа на невработеност.

Ако се погледнат податоците од Фондот за ПИОМ, на пример, во 2011 година изворни биле 61,5 отсто од приходите, во кои најголем дел отпаѓале на придонесите, а 35,7 отсто биле директна поддршка од буџетот. Тогаш вкупните приходи биле приближно 44 милијарди денари. За разлика од тогаш, податоците на ПИОМ покажуваат дека во 2017 година, изворни приходи на Фондот биле 54,52 отсто, а тој се надополнува со 43,57 отсто средства од буџетот. Висината на приходите лани била 65 милијарди денари.

Споредените години, според податоците на Државниот завод за статистика, пак, покажуваат дека во 2011 година имало околу 642 илјади вработени лица, а во 2017 околу 730 илјади вработени. Податоците на ПИОМ покажуваат дека во 2011 година има 281 илјада корисници на пензии, а 2017 година 312.398 корисници на пензија.

Се гледа дека има зголемување на пензионерите, но се зголемува и бројот на вработени. Тогаш се поставува прашањето од каде се јавува потребата за повеќе средства како буџетска поддршка за исплата на пензии, дали се должи на зголемувањето на пензиите или на помала наплата на средства од придонеси.

Секако мора да се забележи и податокот дека голем дел средства од придонесите се издвојуваат и за таканаречениот втор пензиски столб, иако од него сѐ уште не се исплаќаат пензии, а првиот помасовен бран пензионирања се очекува околу 2025-2030 година. Од придонесите за ПИОМ што изнесуваат 18 проценти, 12 се во ПИОМ, а шест во приватните пензиски друштва.

Во моментов за 2018 година 6,5 милијарди денари одат во овие две пензиски друштва на годишно ниво. Според податоците на МАПАС, во нив има 500 илјади члена, а вкупните средства што во овие две пензиски друштва се акумулирани од нивното формирање досега изнесуваат околу една милијарда евра.

Проблем за ПИОМ да може да собира доволно средства од придонеси на вработените е и постојаното стареење на населението, но и иселувањето на младите од земјава. Иако се шпекулира за голема бројка иселени од Македонија, ниту една државна институција нема точна бројка колку навистина се заминати.

Во првото тримесечје од земјава статистика објави податок дека првпат во историјата на следење на статистичките податоци во РМ бројот на умрени стана поголем од бројот на родени.

За овој податок во интервју за МИА објавено пред неколку месеци директорот на ДЗС, Апостол Симовски, рече дека е очекувана последица.

– Населението во РМ старее, тоа е факт. Не старее од денеска, старее 50 години. Значи со таа таканаречена демографска традиција што се случи некаде во доцните 60 години, со намалување на бројот на раѓања во РМ, односно со намалување на бројот на деца во семејствата, веќе интензивно почна да се намалува бројот на раѓања. Со самото тоа сега оној подмладок, стеблото на пирамидата, демографски почна да се намалува, а да се проширува во оние делови каде што се наоѓа повозрасното население. Тој е тој процес што трае веќе 50 години, рече тој.

Во врска со иселувањето, тој посочува дека Македонија е миграциско подрачје и не од денес, од вчера, туку, како што вели, веќе со векови можеме да кажеме луѓето од тука бараат некаков економски интерес надвор од државата. Тоа, додава, не престанува и денеска, туку напротив, за жал, се интензивира и, она што е уште пострашно, оди најквалитетната популација од државата.

– Младите секогаш биле тие кои заминувале од државата. Сега си оди онаа најобразованата, најписмената, работоспособна популација. Прво директно загуба на жива сила, грубо кажано на популација, а второ имаме и директно влијание врз наталитетот, бидејќи популацијата која треба наталитетот да го гради веќе ја нема, вели тој.

Податоците на ДЗС од последната публикација за миграции објавена во 2017 година покажува дури и намалување на бројот на отселени лица. Во 2013 година од земјава се отселиле 945 македонски граѓани, а во 2017 само 141 граѓанин.

Решението за проблемот, според Благица Петрески од Институтот за економски истражувања FINANCE Тhink, е Владата да изврши структурна реформа на пензискиот систем.

– Товарот од реформата да биде споделен помеѓу генерации, преку комбинирани мерки од пораст на стапката на придонеси и границата за пензионирање. Притоа, порастот да е скалест и постепен, а поместувањето на старосната граница да води сметка за вработените во трудово-интензивните сектори и лицата со стаж подолг од 35 години, вели таа.

Од FINANCE Тhink потенцираат дека за да се постигне одржливост на пензискиот фонд, не треба да има ниту зголемување на пензиите надвор од законското усогласување ниту воведување популистички мерки, кои ќе предизвикаат дополнителни оптоварувања на Фондот.

Oттаму правеле три симулации на сценарија, од кои како најповолно се покажало она што предвидува товарот од реформата да биде споделен помеѓу генерации, преку комбинирани мерки од пораст на стапката на придонеси и границата за пензионирање.

Според анализата на FINANCE Тhink првите ефекти од реформата би се почувствувале веднаш, а по пет години заштедите би се движеле околу 90 милиони евра годишно.

Петрески потенцира дека иако фискалните ефекти од посилните индивидуални реформи, главно пораст на придонесите или пораст на старосната граница на пензионирање, и комбинираните реформи се слични, сепак вторите даваат подобри резултати врз невработеноста и сиромаштијата.

– Ефектите се подобри главно поради фактот што тие го распоредуваат товарот од пензиската реформа на засегнатите страни, вели таа.

Комбинираната реформа која, според FINANCE Тhink, би дала најповолни резултати со најмалку негативни аспекти, би значела пораст на стапката на придонеси за два процентни поени веднаш – од 18 на 20 проценти и дополнителен еден процентен поен по десет години, зголемување на границата на пензионирање за една година по пет години и дополнителна една година по десет години, вклучително и семејната и пензијата од бенефициран стаж.

Од овој институт сметаат дека трошокот од порастот на придонеси потенцијално да се сподели помеѓу работодавецот и работникот, затоа што кога претходно придонесот бил намален разликата не ја добил работникот, туку работодавецот.

Ефектите од симулираните сценарија покажале дека предложените реформи може значајно да го намалат дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), и по пет години би се движел од 1,5 до 3,1 проценти од БДП, и од 0,7 до 3,3 проценти од БДП до 20 години.

Фискалните заштеди од реформите се движат од 10 до 193 милиони евра на годишна основа до пет години, и до 403 милиони евра до 20 години.

Спротивни тврдења од оние за неодржливоста на пензискиот систем беа изнесени при презентација на анализата на ЦЕИ кон крајот на минатата година. Првиот столб на пензискиот фонд до 2030 година нема да крахира како што предвидува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Тој ќе може сам да се одржува и да создава вишоци, покажале резултатите од симулациите направени за да се види како одделни решенија, реформи или состојби би влијаеле врз пензискиот систем, а ги презентираше професорот Мирољуб Шукаров.

Доколку сите трендови во однос на вработеност, број на пензионери, висина на плати и пензии, економски раст, демографски тенденции…, останат непроменети до 2030 година, и ПИОМ би генерирал вишок од околу 130 милиони евра годишно.

Симулациите покажале и оти состојбите би биле уште подобри доколку се земат оптимални услови на поголем економски раст со отворање нови работни места. Ниту една од нив со секакви варијанти не покажала оти системот може да крахира.

Пресметките покажале дека стабилизирање на Фондот може да се очекува во 2027 година, кога прелевањето пари од државната во касата на Фондот ќе се сведе на нула, а потоа постепено ќе се создаваат и вишоци во пензиската каса, бидејќи бројот на пензионери во првиот пензиски столб ќе се намалува.

(МИА.мк)