Милијардерите од целиот свет го зголемија вкупното богатство за 19 отсто на 8,9 илјади милијарди долари во 2017-та година, а растот главно се должи на Кина, каде што се појавуваат двајца нови милијардери во текот на една недела, се вели во новиот извештај.
Вкупно 199 милијардери се појавуваат секоја година во светот, а речиси една третина го заработуваат своето богатство преку некоја форма на иновации. Други го прават ова со проширување на своите бизниси во Азиско-пацифичкиот регион, според извештајот на „UBS“ и „PwC“.
Никаде ова не е поизразено од Кина, потенцира „Ројтерс“. Според изданието за 2018-та година на „Billionaires Insights Report“, бројот на милијардери во Кина се зголеми од 318 на 373 со општо богатство во висина од 1,12 илјади милијарди долари, што е 39% повеќе од претходната година.
„Милијардерите претприемачи во Кина ја предводат економската трансформација на нивната земја и, следствено со остатокот од Азија“, се вели во извештајот.
„За малку над 10 години тие создадоа некои од најголемите компании во светот, го зголемија животниот стандард и со невидено темпо го зголемија своето богатство“, се вели во извештајот.
„UBS“, чија управа за богатството управува со средства од околу 2,5 илјади милијарди долари и „PwC“ велат дека веќе дури има повеќе милијардери во Азија, отколку во САД и дека тие се на пат да станат побогати од американските колеги за три години.
„Новата група кинески претприемачи ја провоцира Силиконската долина во услови на растечки тензии во трговијата и интелектуалната сопственост. Тие развиваат нови бизнис модели, фаќаат можности, брзо се движат меѓу различни бизнис сектори“, велат од „UBS“ и „PwC“.
Кина создаде 50 од т.н. „Еднорози“ – компании со оценка од најмалку 1 милијарда долари – од 2016-та до 2018-та година, што е малку под 62-те компании формирани во САД, покажува извештајот.
„Брзата урбанизација и растот на продуктивноста ќе им помогнат на младите претприемачи да го достигнат статусот на милијардери во годините што доаѓаат“, се вели во извештајот.