Додека криминалниот клан на власт предводен од Зоран Заев ги брои милионите на своите сметки, граѓаните секојдневно тонат во сиромаштија и се борат за својата егзистенција, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Државата во рацете на кланот Заеви е третирана како лична сопственост, а буџетската сметка како лична банкарска сметка на криминалниот картел која служи за исплата на партиски и државни функционери, преку криминалните грантови и тендери. Над 460.000 граѓани секојдневно гладуваат, живеејќи на работ на сиромаштија. На граѓаните им се враќаат спомените од мрачните 90-ти и криминалната транзиција, фирми кои заминуваа во стечај и олигарси блиски до власта кои ги бројат своите милиони. Од ветените проекти за намалување на сиромаштијата, единствено остварено ветување е мерката за укинување на радиодифузната такса од 130 денари. Психолошката граница на задолженост од над 50% од БДП е веќе пробиена, а државата со сигурност се движи кон т.н. „грчко сценарио“ и банкрот, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачуваат дека владата на СДСМ треба да одговори кога граѓаните ќе ја добијат платата од 500 евра?
-Заев треба јавно да објасни кога докторите ќе ја добијат платата од 100.000 денари, на истиот начин на кој што ги делеше и своите ветувања. Нема ништо од ветувањето за младинската гаранција, нема ни трага ни глас од двојно поголемите стипендии за студентите, што им ги ветуваа пред да дојдат на власт, а наместо тоа студентите доживеаја во 21 век да немаат топла вода и греење. Животот дојде единствено за криминалниот картел предводен од Зоран Заев и никој друг. Животот дојде за Кочо, Вице и оние кои добија милиони од тајните грчки фондови за распродажба на националните и државите интереси. Маските се паднати, на граѓаните им е јасно дека СДСМ работи единствено за спас на политичката кариера на Зоран Заев. Крајно време е транзиционите политичари да заминат од политичката сцена, а граѓаните да го добијат она што го заслужуваат, просперитетна и демократска Македонија, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.