Македонија се најде на дното во Европа според одржливоста на економскиот раст. На најновата листа на Бостонската консултантска групација, која го мери балансот меѓу економскиот раст и добросостојбата на населението и бизнисот, земјава е рангирана на 66 место од 152 држави или единствено зад Босна и Херцеговина и Молдавија во регионот. Освен нив, на континентот послабо рангирани од Македонија се Ерменија и Азербејџан. Од 10 критериуми, земјава најслабо стои во делот на платите. Лошо сме рангирани и според заштита на животната средина, како и степенот на образование и вработувањата.
Македонија е просечно рангирана во делот на инфраструктурата, еднаквоста и цивилното општество, а нешто подобри се оценките за здравството и економската стабилност. Од групацијата која го изработи истражувањето велат дека владите треба да избегнат вештачки да го стимулираат економскиот раст или пак да го намалуваат буџетскиот дефицит на штета на добросостојбата на населението. За земји како Македонија не само што препорачуваат забрзано да се инвестира во здравствениот и образовниот сектор, туку велат клучно е да се подобри владиниот менаџмент и контрола и да с ереализираат бројни инфраструктурни проекти.
На листата највисоко котираат Норвешка, Швајцарија и Исланд. Овие држави се одликуваат со високо ниво на ефикасен менаџмент во јавниот сектор, вклученост на граѓанскиот сектор во носењето на одлуки и еднаквост на сите нивоа.