Во инцидентите по завршувањето на протестниот марш во Атина за одбележувањето на 45 годишнината од бунтот против воената хунта, се уапсени 19 луѓе. Во инцидентите што траеја речиси четири часа, предизвикана е материјална штета, а неофицијално повредени се двајца полицајци, додека пак група маскирани лица го запали грчкото знаме, јавува дописникот на МИА од Атина.
Масовниот протест од Политехничкиот факултет, кој е симбол на студентскиот бунт во 1973 година, до Амбасадата на САД во Атина заврши мирно, но потоа следеа инциденти во атинската населба Ексархија, што важи за собиралиште на анархистите, но и населба каде што се наоѓа Политехничкиот факултет.
Во Солун и Патра, исто како и во Атина, се случија инциденти со групи маскирани лица, при протестите за одбележување на 45-годишнината од студентскиот бунт.