Буџетот кој криминогената власт го предлага за 2019 година е мегаломански, расипнички и дополнително ќе ги осиромаши граѓаните на Република Македонија, обвинува Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ова што го прават Заев и Тевдовски е загрижувачко. За својот картел на власт си го испланирале најголемиот во историјата на Република Македонија. 3,7 милијарди евра изнесува мегаломанскиот Буџет на Тевдовски и Заев за 2019 година или за над 300 милиони евра поголем и од Буџетот за 2018 година кој исто така го правеа Тевдовски, Заев и целата неспособна власт на СДСМ. Буџетот за 2019 година на СДСМ е поголем за цели 700 милиони евра од последниот Буџет кој го креираше ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. Ова сега е чист грабеж. Ќе собираат повеќе пари од граѓаните и фирмите преку даноци и казни, а ќе ги трошат за сопствено луксузирање, наместени тендери и криминални субвенции и иновации. Ова само го покажува лицемерието и неспособноста на оваа Влада на СДСМ во однос на граѓаните и нашата држава. Оние што обвинуваа пред да дојдат на власт дека Буџетите проектирани од ВМРО-ДПМНЕ се огромни и ја тонат државата, сега го имаат најголемиот Буџет во историјата на Македонија, кој пак е далеку од примерите кои што ги даваше Тевдовски за Буџетите во Данска и Финска како таму се проектирале. Очигледно Тевдовски ни направил според големината на сумата, дански Буџет за македонски услови и урнисана економија, вели тој.
Арсовски потсети на лажните ветувања на Заев пред изборите.
-„Секој денар од буџетот на увид на граѓаните“. и „Ќе ги скратиме непродуктивните трошоци“ беа фразите што Заев како навиен не ги вадеше од уста пред изборите и ги лажеше граѓаните, а сега сме сведоци на најголемиот Буџет до сега, со најголемите ставки за непродуктивни трошоци, нормално, без ниту еден денар на увид кај граѓаните како се трошел минатата година Буџетот и како ќе се троши идната. Интересно е што Зоран Заев нема решение за загадувањето и ќе проба да го најде идната година со само 2.5 милиони евра одвоени во новиот Буџет, но затоа пак за НВО организации и претпријатија одвоил 100 милиони евра, или 60 милиони евра повеќе од Буџетот за 2018 година. Да потсетиме дека согласно Буџетот за НВО организации оваа година беа набавени лубриканти во висина од 1.5 милиони евра. Ветувајќи дека Заев и Тевдовски ќе ги кратат непродуктивните трошоци, во Буџетот за 2019 година одвоиле средства во висина од 3.7 милиони евра за набавка на возила, односно 2.7 милиони евра повеќе во однос на овогодинешниот Буџет. Најверојатно СДСМ ќе купуваат камион за комунална хигиена што им го украдоа деновиве или пак ќе купуваат возила за гумите што ги набави Шеќеринска да може да ги наместат и да ги искористат, рече тој.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека освен непродуктивните трошоци, нејасни каде ќе се трошат и за што, Тевдовски и Заев во Буџетот за 2019 година предвидуваат задолжувања дома и во странство од 800 милиони евра.
-Замислете, до сега откако се на власт не задолжија над 1 милијарда, идната година планираат уште 800 милиони евра плус да не задолжат, кои најверојатно ќе бидат исто така над 1 милијарда, а ниту еден единствен проект немаат реализирано, додека пак проекциите за БДП се жалосни од сите релевантни институции и фактори. Ниту едно ветување од пред изборите на СДСМ не им е реализирано. Нема 500 евра плата, нема 100.000 денари плата за докторите, нема повисоки пензии и стипендии. Нема студентски домови, нема болници, нема клиники, нема 1.000 километри автопат, едноставно, не реализираа ништо. Впрочем нема ни да реализираат ништо ниту идната година. Затоа ги повикуваме Заев и Тевдовски и целото криминогено раководство на СДСМ да се вразумат и да ги редуцираат проекциите и трошоците, бидејќи овој Буџет ниту може да го издржи нашата економија, ниту пак СДСМ има план и знаење како да ја крене економијата со овој мегаломантски Буџет. Повеќе од јасно е дека парите ќе завршат во нечии џебови кај фирмите на Заев, Анѓушев и блиските до СДСМ. СДСМ не се способни да ја водат државата и се повеќе ја тонат. Затоа што побрзо си заминат од власт, толку подобро за граѓаните, а Република Македонија ќе тргне напред, порачува Арсовски.