Покачувањето на акцизата на дизел горивата е директен удар врз најсиромашните, но власта не се откажува од неа иако и граѓаните и опозицијата бараат да се укине.
ВМРО-ДПМНЕ бараше да се укине акцизата на дизелот од 3,5 денари, но пратениците на СДСМ гласаа против.
Акцизата, и граѓаните и стопанството, според некои пресметки, ги чини над 40 милиони евра, што предизвика спирала на покачување на поголем број на производи.
По доаѓањето на власт на СДСМ, премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски ја донесоа мерката за зголемување на цената на дизелот со изговор дека тоа ќе направи дестимулација на возењето автомобили, но и оти дел од парите ќе одат во заштита на животната средина.
Сепак, единтвено што се постигна со оваа мерка е дополнително осиромашување на граѓаните.
Цената на дизелот од 46 се зголеми на 62 денари, што е нешто над 30 отсто.
Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ вели дека превозниците и транспортерите оваа акциза ги чини над 32 милиони евра, додека индустријата над 5 милиони евра.
– Според податок од ДЗС, во 2015 година, во Република Македонија имало регистрирано 163.038 дизел возила. Доколку таа бројка ја помножиме со 2400 денари, колку впрочем и го чини еден просечен граѓанин покачувањето на акцизата доаѓаме до бројка од 391 милион и 290 илјади денари, односно 6 милиони и 360 илјади евра годишно. Ова е само цената која ќе ја платат граѓаните, додека превозниците и транспортерите ќе ги чини над 32 милиони евра, а индустријата над 5 милиони евра. Самото покачување на акцизата влијаеше и на покачување на автобуските и такси услуги, кои повторно се директно на удар на граѓаните. Трошокот кои директно ќе го платат граѓаните е над 40 милиони евра. Индиректниот трошок многу поголем, рече Данев.