Шведската компанија за опремување на домот „Икеа“ соопшти дека укинува 7.500 работни места ширум светот, поради новата стратегија за отворање на повеќе продавници во градските центри и насочување кон онлајн продажбата.
„Икеа“ наведе дека на овој начин ќе може да се насочи кон својата платформа за електронска трговија, со цел поефикасно да одговори на потребите на купувачите и да биде подостапна и евтина за поголем број луѓе.
Компанијата воведува нова стратегија за отворање на продавници во градските центри на 30 поголеми градови.
„Гледаме дека малопродажната сцена се трансформира со размери и брзина која досега не сме ја виделе и Икеа треба да инвестира во развојот на продажбата за да одговори на потребите на потрошувачите на подобар и нов начин“, изјави денеска Јеспер Бродин, генерален директор на најголемата малопродажба во рамки на Икеа системот.