До дочекот на новата, 2019-та година, останува уште помалку од еден месец. Веќе на големо се прават плановите како, каде и со кого ќе се поминат празничните денови. Има многу опции – дома, кафеана, дискотека, патување. Се зависи од парите и од времето, но трошоците не запираат тука. За празниците се купуваат подароци, украси, облека…
Милиони евра се трошат за празниците
Не може прецизно да се пресмета колку вкупно чинат предновогодишните и новогодишните активности. Но, доколку се претпостави дека едно семејство во просек троши по околу стотина евра, а во земјава има 500 илјади домаќинства се доаѓа до сума од околу 60 милиони евра! Секако, има многумина кои трошат повеќе и многумина кои трошат помалку, ова се само претпоставени просечни суми.
Дека сепак за празниците се троши повеќе покажуваат и податоците од банките според кои секоја година во просек во декември од трансакциските сметки и платежните картички се повлекуваат по околу 30 милиони евра повеќе од просекот во другите месеци од годината.
Кафуле, кафеана, дискотека – угостителите со солени понуди
Најголем дел од угостителските објекти веќе излегоа со своите новогодишни понуди. Цените се речиси исти во однос на лани. Во зависност од тоа што се е вклучено, како и од имиџот на локалот за дочек треба да се плати од 800 па и до 6.000 денари.
„Веќе ги направивме пресметките и почнавме да запишуваме резервации со оставање капар. Во моето кафуле дочекот е 1.000 денари за стоење и 1.400 за сепаре. Ќе има неограничено пиење, грицки и закуски. Веќе имаме букирано и диџеј кој ќе пушта музика“ објаснува сопственик на кафуле во скопско Дебар Маало. „Сите викаат скапо е, но кога се ќе се собере и ако се земе предвид колку многу се пиеме за Нова Година ќе видите дека тоа се реални цени. Сега, секако има некој што ќе испие два сока а ќе плати илјадарка, но има и такви што ќе испијат десет пива или десет чаши виски. Затоа ние имаме една, просечна цена. Со некои клиенти сме во загуба, со некои во добивка за на крајот сепак да бидеме во плус па и ние да заработиме нешто“ додава тој.
Но, и оние кои ќе останат дома ќе потрошат можеби и исто колку дочекот во кафуле – ќе треба да готват или да купат храна, да земат и нешто за пиење.
Најбарани дестинации Банско, Копаоник, Виена и Будимпешта
Оние што имаат повеќе пари, но и повеќе слободно време најчесто се одлучуваат празниците да ги поминат надвор од Македонија. И оваа година најбарани дестинации се зимските центри во соседството, пред се Банско и Копаоник. Интерес има и за дел од европските метрополи, особено за Виена и Будимпешта. Туристичките агенции имаат понуди и за подалечни и поегзотични места како Мадрид, Хавана, Дубаи.
„Најмногу се продаваат аранжманите за зимските центри во Бугарија, тие се и со релативно најприфатливи цени, од 200 евра па нагоре. Имаме и поегзотични понуди кои чинат и над 1.000 евра, но тие се многу помалку барани“ вели вработен во туристичка агенција.
Трошоците не запираат овде – новогодишна шопинг треска
Освен за самиот дочек, пари се трошат и во деновите пред и по Новата Година, пред се за украсување на домот но и за подароци за најблиските.
Елката е долгорочна инвестиција, но ако ја купувате за прв пат имате два избора, поевтина од Кина и поскапа со друго потекло. Првите чинат до 1000 денари, а вторите и до 200 евра. За тие кои сакаат природна пак најевтини се во јавните претпријатија, чинат 1.100 денари, а саксијата е ваша обврска. Но, новогодишната елка не оди без лампиони. Пластичните се продаваат во сет од по десетици и чинат до 300 денари, стаклените пак се продаваат поединечно по цена од 60 денари па нагоре.
Но новогодишната шопинг треска не запира тука. Во последно време тренд е семејното фотографирање. Фото сесија чини и над 1.000, во зависност од имиџот на студиото.
Празникот толку се комерцијализирал што денес кај нас имате можност да го изнајмите Дедо Мраз не час или повеќе. Дедовците со бели бради се рекламираат и на интернет огласниците – бараат од 1000 до 1300 денари за час.
Традиционалното на најмалите освен играчки и други изненадувања им се даруваат и новогодишни пакетчиња. Тие чинат од 150 па до 1.500 денари во зависност од големината, количината на слатки и секако производителот.