Економија 21.05.2018 18:33

САД и Кина избегнаа царинска војна

САД и Кина избегнаа царинска војна

Двете најголеми светски економии се согласија да преговараат за „значително намалување“ на американскиот трговски дефицит со Пекинг

САД и Кина се согласија да се повлечат од намерите за воведување на царини на извозот од двете земји. Одлуката доаѓа на само еден ден откако Пекинг се согласи на купување на повеќе американски производи со цел „значително намалување“ на американскиот трговски дефицит.

Секретарот за финансии на САД, Стивен Мнучин, за телевизијата „Фокс“ изјави дека двете најголеми светски економски сили „постигнале значаен напредок и се согласиле на рамка“ за решавање на трговските прашања. „Се согласивме да ги ставиме во мирување царините, додека работиме на спроведување на рамката“, рече тој.

Државната новинска агенција „Ксинхуа“ го цитираше вицепремиерот Лиу Хи, кој гo предводеше кинескиот преговарачки тим во Вашингтон, велејќи: „Двете страни постигнаа консензус, нема да има трговската војна и ќе престанеме со зголемување на царините едни на други.“

Лиу рече дека договорот е „неопходен.“ Но, додаде дека „Во исто време мора да се сфати дека топењето на мразот не може да се постигне за еден ден. За решавање на структурните проблеми на економските и трговските односи меѓу двете земји ќе биде потребно време”.

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе нови царини за увозот од Кина во висина од 150 милијарди долари. Пекинг одговорил дека ќе го стори истото за американските производи.

Мнучин и економскиот советник на Белата куќа, Лари Кудлоу рекоа дека американскиот секретар за трговија Вилбур Рос наскоро ќе го посети Пекинг за да преговара за начините како Кина би можела да купува повеќе американски производи за да го намали огромниот американски трговски дефицит кој минатата година изнесуваше 375 милијарди долари.

Економистот Филип Леви од Советот за глобални прашања од Чикаго за Гласот на Америка рече дека иако САД и Кина засега избегнаа царинска војна, исходот од трговските разговори е просечен.

„Мислам дека администрацијата на Трамп го истакнува фактот дека договориле дополнителна продажба. Но, тоа навистина не беше проблем. Можеби тоа било нивната цел, но тоа не е во национален интерес“ вели тој.

Леви вели дека резултатот е трговско решение кое се` уште не нуди одговор на фундаменталниот проблем, како државна економија како кинеската се вклопува во глобалниот трговски систем.

Но, Кудлоу вели дека има голем напредок. „Можете да видите каде ќе одиме понатаму. Како што паѓаат царините и бариерите ќе има се поголем американски извоз“, изјави тој за телевизија „Еј-Би-Си“ додавајќи дека секој постигнат договор ќе биде „добар за американскиот извоз и добар за кинескиот раст.“

 

Најнови вести