Одбегнувањето на одредени видови храна за време на бременоста не го намалува ризикот од алергии на храна кај детето, покажуваат најновите истражувања.
За потребите на ова истражување биле анализирани податоци собирани во континуитет од 2005 до 2007 година од над 4.900 трудници.
Речиси 3 проценти од жените рекле дека го ограничиле внесувањето на одредена храна за време на бременоста со надеж дека тоа ќе спречи појава на идни алергии на таа храна кај нивното дете.
Во нив се вбројуваат и 1,7% од трудниците кои јаделе помалку ореви, 0,3% кои јаделе помалку јајца и 0,04% кои пиеле помалку млеко.
„Додека била спроведувана анкетата, некои трудници рекле дека се откажале од одредени намирници за да одбегнат појава на алергија на храна кај бебето. Меѓутоа, мајките кои имале постари деца со алергија на храна или и самите биле алергични на некоја храна, значително ги зголемиле шансите да ја пробаат оваа стратегија на одбегнување храна“, вели доктор Карен Робинс која го водеше истражувањето.
Во споредба со другите бебиња, децата на мајките кои направиле измена во начинот на исхрана за време на бременоста имале два пати поголеми шанси дека ќе имаат проблеми со храна во првите четири месеци од животот, но не и во периодот од 9 или 12 месеци, покажаа истражувањата.
Немало разлика во бројот на поставени дијагнози на алергии на храна меѓу двете групи на деца, стои во извештајот за истражувањето што неодамна беше претставен на состанок на Американскиот колеџ за астма, алергии и имунологија во Сиетл.
Робинс вели дека истражувачите сакаат да дознаат повеќе за тоа колку често трудниците со семејна историја на алергии одбегнуваат одредена храна за време на бременоста со надеж дека ќе спречат појава на алергии кај нивните деца.
„Се надеваме дека ќе дознаеме кои фактори влијаат на донесувањето на оваа одлука кај жените, како и зошто многу од нив одлучиле да одбегнуваат одредена храна како потенцијална стратегија за спречување алергија на храна кај децата“, вели таа.