Актуелно 29.05.2018 17:14

Арсовски: На Македонија и се заканува економска катастрофа со Заев и Тевдовски, јавниот долг ќе се зголеми на 6,1 милијарди евра до 2021

Арсовски: На Македонија и се заканува економска катастрофа со Заев и Тевдовски, јавниот долг ќе се зголеми на 6,1 милијарди евра до 2021

Фискалната стратегија на министерството за финансии која го проектира долгот на државата до 2021 година е загрижувачка. Владата на Заев и министерот Тевдовски до 2021 година, според нивната фискална стратегија, ќе го зголемат јавниот долг на неверојатни 6,1 милијарди евра. Над 6,1 милијарда евра ќе биде долгот на граѓаните до крајот на мандатот на Владата на СДСМ.

Ова денеска го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, потенцирајќи дека кога СДСМ дојде на власт долгот на државата беше 4,7 милијарди евра, што би значело дека во оваа и наредните две години Заев и Тевдовски ќе го зголемат долгот на државата за нови 1,5 милијарди евра.

Според него, секое четиричлено семејство до крајот на мандатот на оваа, како што рече, криминална Влада ќе биде задолжено за близу 13.000 евра.

-Целата катастрофа е уште поголема кога ќе се анализира вкупната состојба. Економијата тоне, државата се презадолжува, а капитални инвестиции нема. Според податоците на Министерството за финансии во првите четири месеци реализацијата е под 11 отсто. Доколку расипничката и неспособна влада продолжи вака, капиталните расходи нема да се реализираат повеќе од 40 проценти што е еднакво на огромна катастрофа. Тука се поставува прашањето каде одат милијардите со кои што се задолжуваат Заев и Тевдовски, а кои на крај ќе ги плаќаат граѓаните. Картелот на Заев загрижувачки ја задолжува државата. Економијата тоне и е една голема нула во секој поглед, а во некои области бележи и минуси. Растот на БДП замислете само кај нас беше 0%, во време кога секоја економија на соседните држави бележи огромни порасти, рече Арсовски.

Вели дека само во првите 3 месеци од 2018. година картелот на Заев ја задолжи државата за над 300 милиони евра нето.

Според него, економијата и бројките се загрижувачки.

-Република Македонија оди во пропаст. Граѓаните се уплашени и загрижени. Картелот на Заев освен личниот интерес, не го интересира ништо друго. Нема 500 евра просечна плата, нема повисоки пензии за пензионерите, нема 600 километри автопат, нема ниту 100.000 денари плата за докторите, нема нови студентски домови, нема никакви капитални инвестиции. Ова лудило и расипништво мора да престане. Криминалниот картел мора да се разбие и да падне. Затоа, сите заедно на 2 јуни во 20 часот, да им кажеме дека сме против погрешните политики на овој картел кој што владее со нашата држава, истакна Арсовски.

Најнови вести