Најбогатите 57.186 домаќинства во Македонија во најимотната десетта категорија, според најновата публикација на Заводот за статистика, имале во просек во текот на 2017-та по 1.312.640 денари на располагање, а тоа се семејства кои имаат минимално 65.000 денари месечен буџет во РМ.
Најголеми отскокнувања има кај покуќнината, опрема за домување и одржување, каде што во просек најбогатите трошат 108.648 денари годишно, односно многу повеќе од претходната (деветтата) категорија по богатство, која за овие издатоци издвојувала 16.806 денари, додека другите осум категории уште помалку. За купување на нов имот издвојувале 165.167 денари годишно, што е многу повеќе од подолните социјални слоеви кои во просек најмногу можат да издвојат 3.808 денари или во суштина не можат да купат нов имот.
Неколкукратно повеќе во однос на посиромашните категории се потрошени за рекреација и култура (40.087), ресторани и хотели (63.253), загуби, подароци, прилози (51.001), отплата на кредити и заеми (65.779).
Неколкукратно поголема им е и годишната заштеда која изнесува 88.538 денари. За сообраќај (транспорт) издвоиле 85.335, за комунални сметки износот е 151.343 денари, алкохолни пијалоци и тутун (34.777), облека и обувки (72.020).
Министерството за финансии веќе подолго време најавува две даночни стапки, од 10 и од 18 отсто, од кои втората за поединци со приход од над 1.000 евра месечно. Основната дилема е како ќе се утврдува месечниот приход на секој поединец.
Етичарите се во дилема за овој владин предлог, но велат дека државата нема да погреши кај добар дел од оваа структура.
– Меѓу нив има скромни и чесно работливи граѓани, но и голем број со наклонетост кон луксуз. Тоа може да се види по навиките за постојано хипер-трошење, а најмногу кај новопечените богаташи, или т.н. „скороевиќи“, кои се подготвеи на се за да го покажат статусот. Најмногу се по странските бредови и луксузни одморалишта, а тоа се типични навики на снобизмот – вели професор од Филозофскиот факултет при УКИМ.
Поединец од едно богато домаќинство во просек има 171.231 денари на располагање добиени од редовен работен однос како основен извор на фиансии.