Сопствениците на педалинки за изнајмување во Струга се собраа на мирен протест за да го искажат незадоволството од забраната за употреба на овие пловни објекти во Охридското езеро донесено од страна на локалната самоуправа.
Ќе се жалат и до Уставниот суд, за што веќе собираат и потписи за петиција која деновиве ќе ја достават до судот.
„Ние овде доаѓаме за егзистенција. Има луѓе кои чекаат да дојде сезоната за да може да ја поминат зимата“, рече за „Алсат“ Бојан Блажевски- издавач на педалинки.
„Не барам милостина од некого или некој да ми поклони нешто. Барам дозвола да работа со педалинки бидејќи живеам под кирија. Моите ќерки ми купија три педалинки и ги зедоа на кредит“, реагираше Мимоза Мојсоска- издавач на педалинки.
„Тие велат дека има давеници во езерото. Но, давеници има и во реката Дрим и на други места околу езерото. Тоа не значи дека само од педалинките се случуваат несреќни случаи“, вели Ненад Гучески-сопственик.
Истата одлука, велат тие, не се применува во Охрид, Преспа, Дојран или на Дебарското езеро.
Градоначалникот Рамиз Мерко вели дека одлуката е конечна и дека на сопствениците ќе им биде даден рок од неколку дена да ги отстранат педалинките. Доколку тоа не го сторат, тогаш тоа ќе го сторела општината.