Актуелно 17.02.2019 15:06

Протест на Преспанските јаболкопроизводители, бараат средба со премиерот

Протест на Преспанските јаболкопроизводители, бараат средба со премиерот

Преспанските јаболкопроизводители денеска на мирен протест кај местото викано Макази го изразија незадоволството од откупот на јаболката и побараа итна средба со премиерот Зоран Заев.

Тие бараат продолжување до 30 јуни 2019 година на интервентната мерка од 3 денари за килограм откупено индустриско јаболко, која важеше до 25 декември лани. Исплаќање на субвенциите за одржување по хектар за 2018 година најдоцна до март годинава заради тековните активности на терен, исплата на штети од доцните пролетни мразови за 2016 година и дел од штетите за 2017 година.

Претседателот на Здружението на овоштари во Преспа Љубе Пампулевски посочи дека во магацините и складиштата на препснаци имало над 50.000 тони јаболка или половина од родот од 2018 година, од кои добар дел би завршиле како индустриско во преработувачките капацитети.

– Откупната цена е пет до шест денари по килограм јаболка за прва класа и не ги исполнува ниту производствените трошоци, кои за минатата реколта изнесуваат околу 8 денари. Просечна сума од осум денари беа трошоците за 2018 година, бидејќи имаше богат род, други години трошоците биле и поголеми, изјави Пампулевски.

Откупот, според него, оди отежнато, со слаба динамика, а имало и периоди кога бил замрен.

-Имаме голема количина јаболка во магацините. Да не се довоедеме во ситуација покрај економската катастрофа да дојде и до еколошка, да ја загадиме околината, но и Преспанското Езеро, рече Пампулевски.

Преспанските јаболкопроизводители бараат и трајно решавање на пласманот со јаболката за во иднина да нема вакви состојби, креирање политика и стратегија на подолг рок, изградба на откупно дистрибутивни центри, формирање задруги, како и банкарска гаранција за откупувачите за да не бидат излажани овоштарите.

Меѓу другото тие се соочуваат и со проблеми со осигурителните компании околу проценките на штетите на терен, а имале и пробелм со промената на критериумите во ИПАРД огласот за набавка на нова механизација.

За време на протестот два часа, односно од 10 до 12 часот беше затворен патниот правец од Макази кон Претор, а кратко беше блокиран и регионалниот пат Битола Ресен.