Работодавачите од текстилниот кластер бараат да им се субвенционираат 50 % од придонесите за вработените, да се врати нормираниот учинок и да им се амортизира делот од замрзнатиот курс на денарот. Се жалат дека обврската за исплата на минимална плата им е наметната и дека со тоа масата за плати им се зголемила за 30 % , индустријата е пред колапс, а две странски компании веќе ставиле клуч на врата. Без нормиран учинок се загрозува функционирањето на целата текстилна индустрија, рече Перковска што ќе резултира со откази и намалено производство, објавува телевизија Телма.
Една шивачка шие за 10 луѓе. Трудоинтензивните да се ослободат од придонесите и да се насочат кон работниците. Тоа не е загуба, дел ќе се врати со ДДВ“, кажа Маријана Перковска од Текстилниот кластер.
За да ја илустрираат негрижата на државата кон нив, работодавачите направија паралела со земјоделците кои добиваат 100 милиони евра субвенции, а на обвинувања во јавноста дека на сметка на ниските плати на работницит, возат џипови, споделија светски искуства.
„Не може земјоделец да добива 100 милиони или некој министер да излезе и да каже – вие возите џипови. Каков е тој одговор, тоа е смешка. Денес во 21 век бизнисмените одат со авиони, а не со џипови. Ако дојде некој газда ние во југо ли ќе го возиме“, кажа Сашко Станоевски од Текстилниот кластер.
Во текстилната индустрија работат околу 65 000 работници или 20 % од вкупниот број вработени. Извозот на текстилни производи учествува со 13,3 %, а најголеми трговски партнери се Германија и Холандија.
Извор: Телма