Актуелно 16.02.2019 22:02

Силјановска: Многу добив од Македонија, време е да и` вратам- Мицкоски со честитки до кандидатот за претседател

Силјановска: Многу добив од Македонија, време е да и` вратам- Мицкоски со честитки до кандидатот за претседател

Универзитетската професорка Гордана Силјановска Давкова е кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата на претстојните изборите закажани за 21 април годинава.

Силјановска е избрана попладнево на партиската конвенција со вкупно 408 гласови. Со тоа, ја освои номинацијата уште во првиот круг. На конвенцијата гласаа 519.

Силјановска беше еден од деветте кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата покрај Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовски, Васко Костов и Ѓорѓи Манасков.

По изборот, им заблагодари на делегатите за довербата. Рече дека многу добила од Македонија и дека е време да и` врати за тоа.

-Мене ми е јасно дека не може да се оди на избори, а камоли да се победи ако зад вас не застане силна партија, а исто така, некој кој добил доверба од силна партија има обврска постојано да се држи до она што е најважно, односно владеењето на правото не води само во ЕУ, рече Силјановска Давкова во обраќањето по гласањето, негирајќи ги обвинувањата дека е националист.

-Не не сум националист, јас сум за владеење на правото. Законите треба да бидат во рамките на Уставот за да бидат добри. Родена сум во Охрид, во турска куќа, а од 10 години мојот брат има побратим Албанец. Може ли некој кој расте во таква средина да биде националист?, рече професорката.

Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ почна со обраќање на лидерот Христијан Мицкоски, по што следеа 15-минутини обраќања на претседателските кандидати во кои тие ги образложија и претставија своите визии и програми.

По завршувањето на изборот на кандидатот за претседател се обрати и Мицкоски кој и честиташе на професорката Силјановска Давкова.

-Македонија денеска доби мајка на нацијата и иден претседател на државата. Македонија заслужува да ја предводи ваков човек, рече тој и им се заблагодари и на другите кандидати, членовите и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.