Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За подобра Македонија“, на седницата за интерпелација на Оливер Спасовски, потсети дека една од главните обврски на МВР е заштита и сигурноста на граѓаните но сведоци сме на неразјаснети убиства, мистериозни исчезнувања на граѓани, одмазда и реваншизам кон неистомислениците.
-Уште колку човечки животи треба да згаснат за Оливер Спасовски да сфати дека е неспособен да го води МВР. Уште колку крвави пресметки треба да се случат за Оливер Спасовски и СДСМ да престанат да ги штитат криминалните банди кои дивеат низ Скопје и државата. Уште колку луѓе треба да исчезнат за Оливер Спасовски да се зафати со овој сериозен проблем кој што е секојдневна тема и имаме само нови случаи на исчезнати лица, а министерството единствено што прави е само бледи изјави со некакви компарации од предходни години. Господине Спасовски, роднините на овие исчезнати лица бараат одговори и конкретни резултати за овие случаи , а не вашите компарации, појасни Мицевски.
Мицевски посочи дека од затвор се ослободуваат осудени криминалци само заради враќање на предизборните долгови кои СДСМ ги имаше кон подземјето.
-Целиот апарат и сите органи на прогон се впрегнати во политички цели на СДСМ. Важно е да се напомене и дека како никогаш досега се уништува авторитетот на полициските службеници. Сведоци сме на се почести физички напади врз полициски службеници кои исто така поминуваат неказнето како и на конструирање на случаи од страна на Оливер Спасовски како што беше нападот кај Мавровка каде беше нападната полицајка бидејќи кренала автомобил со пајак. За апсурдот да биде поголем, под притисоци и уцени, истата полицајка беше принудена да изјави дека пајакот ја удрил, нагласи Мицевски.