Точно шест месеци Јавното обвинителство нема никаква реакција, соопштение, информации, што е сработено и дали воопшто е постапено по Кривичната пријава која што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ против премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, кој што јавно на митинг во Крива Паланка повика на поткуп при избори што е спротивно на чл. 160 и чл.162 од Кривичен Законик и тоа е казниво дело, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Столкиовски кој додаде:
„Согласно препораките од 2003 година од Комитетот на министри при Советот на Европа, до земјите членки за обезбедување на информации преку медиумите што се однесуваат на криминалните истраги, стои дека за истраги коишто се во интерес или привлекуваат големо интересирање во јавноста, властите би требало да ги информираат медиумите за нивните постапки, до оној степен што не би значело попречување или одложување на истрагата. Во случаи на подолги постапки, се заклучува во препораката, овие информации треба редовно да бидат доставени до медиумите.“
Стоилковски потенцира дека кривичната пријава е поднесена на 18-ти септември, точно пред шест месеци лани, среде кампањата за референдумот, а и денес, шест месеци подоцна нема никаква информација, а според постапките на Јавното обвинителство, или сметаат дека кривичната пријава против премиерот за поткуп во изборни цели, за случај од вонредно значење или дека не предизвикува интерес, или за нив шест месеци не е долг период.
-ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе оваа Кривична пријава бидејќи Јавниот обвинител не постапи согласно надлежностите предвидени во чл. 39 од Законот за кривична постапка односно не отвори постапка против Зоран Заев по јавно допрен глас. Со Кривичната пријава го доставивме и видео материјалот на кој што се слуша како Зоран Заев јавно повикува на поткуп, каде што се слуша како признава дека еден бизнисмен, односно сопственикот на „Минстрој“, веќе му ветил на Заев дека ќе ги награди работниците доколку излезат на претстојниот тогашен референдум, подвлече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него ваквото однесување на Јавно обвинителство го става Зоран Заев над законот, ваквото однесување е показател на сервилноста на Јавно обвинителство кон извршната власт, ваквото однесување е показател за селективност во правото и правдата во Република Македонија.
-На чекор сме до претседателските избори, со ваква селективност, со Јовески/Русковска прислушувано обвинителство, Заев повторно неказнето би можел да нуди поткуп, да поттикнува поткуп, да бара бизнисмени да го одврзат ќесето, јавно да бара и да нуди се во изборни цели. Тоа не смее да се случува во држава на европско тло. Правото и правдата ќе се вратат, со масовна поддршка и гласови за Гордана Силјановска Давкова, со поддршка за ВМРО-ДПМНЕ на предвремените избори, посочи Стоилковски.