Актуелно 19.06.2018 14:09

Сестрата на Катица Јанева стапи на функција во КХВ

Сестрата на Катица Јанева стапи на функција во КХВ

Лиле Делиџакова, позната како сестра на Катица Јанева – главен обвинител на Специјалното јавно обвинителство, официјално е избрана и службено стапи на должност како еден од петте члена на новоформираната Комисија на хартии од вредност и на функција заменик-претседател на истото тело.

Во Службен весник на РМ бр. 110 од 14.6.2018 (четврток) на стр.2 е објавено дека „Собранието на РМ на седницата одржана на 14 јуни 2018 донесе Одлука за избор на Комисионери (членови) на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Во точка l од Одлуката пишува дека за Комисионери (членови) на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија се избираат 1) Лиле Делиџакова, дипломиран економист, 2) д-р Кирил Јовановски, доктор по економски науки и 3). проф. д-р Зоран Колев, доктор по економски науки II) Комисионерот (членот) под редниот број 1, професионално е ангажиран во Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија со полно работно време III“. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето.

На седницата одржана на 21 мај 2018 година, Собранието на РМ донесе Одлука за избор на Претседател и комисионер (член) на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Тогаш за претседател и комисионер на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија се избраа м-р Нора Алити, магистер по осигурување и управување со ризици и Душко Гошевски, дипломиран правник.

Претходно Собранието ја изгласа Нора Алити за претседател на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), а тогаш пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваа со предлогот зошто сметаа дека таа е партиско решение како пратеник на ДУИ во претходниот парламентарен состав.

За Лиле Делиџакова тогаш немаше доволен број пратеници за гласање и беше наведено дека ќе се гласа дополнително.

Во расправата Невена Стаменкова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека таа не е стручна и компетентна во областа, не ги исполнила критериумите за конкурс и двапати била суспендирана од работа.

– Делиџакова воопшто не аплицирала на отворен јавен конкурс кој завршил на 16 февруари 2018, а нотарската заверка е два месеца по истекот на рокот, рече Стаменкова.

 

Извор: Фактор