Воведувањето на прогресивен данок ќе биде штетно за македонската економија и негативно ќе удри врз бизнисот. Менувањето на даночната политика, според стопанствениците сериозно ќе значи осиромашување на граѓаните и компаниите.
На иста линија со домашните компании се и странските инвеститори.
Власта, пак, веќе прави пресметки за новата даночна политика. Според работната верзија на законот за персонален данок на доход треба да биде воспоставена единствена стапка од 15% што е зголемување од 5 процентни поени за сите приходи, без оглед на нивната висина, од интелектуална сопственост, од закуп и подзакуп, од капитал, од капитални добивки, од игри на среќа и од осигурување.
Би се даночеле дури и каматите на штедните влогови. Истовремено би се вовела и прогресивна стапка – заработката до 60 илјади денари би била оданочувана со 10 а се над оваа сума со 18 проценти.
Промени најверојатно ќе има и на данокот на добивка што го плаќаат компаниите – тој би пораснал од 10 на 12 до 15 проценти.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска демантира дека се размислува во оваа насока.
Сепак, Министерството за финансии потврди дека се прават анализи и дека ќе има промени на даночната политика но засега не открива какви.
Извор: Алфа