Производителите на лубеници со часови чекаа купувачи на своето производство, но десетици тони бостан и денеска останаа непродадени на пазарот во Колешино, еден од најголемите производители на бостан во струмичко. Цената за откуп е најниска досега, од 1 до 3 денари за килограм. Градинарите едвај го обрале половина од вкупниот род, но нема интерес да се продаде. Земјоделците велат дека во моментов секоја интервенција е задоцнета, бидејќи половина од призводството веќе скапувало по нивите. Тие обвинуваат и дека откупот се врши селективно.
Денеска со откуп започна уште една фирма. По цена од три денари за килограм откупија околу сто тони, а до крајот на неделата откупувачот најавува преземање на околу 700 тони лубеници. Откупувачите велат и дека понудата во моментов е поголема од побарувачката, и затоа има вишоци на пазарот.
Но, земјоделците не се задоволни од цената, ниту од количините што се откупуваат. Некои дури, во знак на револт во селото Зубово, се собраа на мирен протест и побараа средба со претставници на надлежните институции.
Од владата досега ништо не преземаат, само ја следат ситуацијата. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски при посетата на Струмичкиот регион во саботата рече дека се следи состојбата со застојот на откупот, но конкретни мерки нема.
Извор: Алфа