Престижната модна куќа „Диор“ им забрани на инстаграмџиите да постираат фотографии од колекцијата на висока мода, која беше претставена вчера на Париската модна недела, со став дека „најскапата облека на светот не мора да вика по внимание“.
Дизајнерката Марија Грација Чиури рече дека сака со најновиот престижен стил на „Диор“ да се прослави класичниот начин на изработка, а не да се трка по лајкови на социјалните мрежи.
Оваа колекција е скриен луксуз. Публиката која купува парчиња од висока мода не е публика која троши време на Инстаграм. Модната публика знае што значи мода. Тоа е дело што е специјално направено за вас, само за вашето тело, за кое било потрошено време”, изјави Италијанката за АФП.
За некои од креациите биле потребни 800 часа работа, што е белег на високата мода, чинат и по десетици илјади евра и затоа, вели Чиури, нејзините одбрани клиенти не треба да бидат вознемирувани.
Само 14 модни куќи ја поседуваат етикетата за „висока мода“, која ја одобрува француското Министерство за индустрија, за да се признае традиционалното занаетчиство со рачно изработени, нарачани облеки со строги критериуми.