Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во ексклузивно интервју за „Магазин“ вели дека никогаш, ама баш никогаш нема да се согласи со овој капитулантски договор на СДСМ.
За Февруари – Март оваа година најавивте измени во партискиот статут, за поголема децентрализација и по демократски начин на носење на партиските одлуки. До каде се статутарните измени и што предвидуваат ново истите?
Статутарните измени чиј што процес е отпочнат ќе овозможи зголемување на транспарентноста и ќе го поттикне процесот на дебатирање во рамките на партиските тела и органи што преставува и целта на oвие измени. Можам да кажам дека комисијата која го изготвува текстот е при крај и многу скоро тој ќе се најде пред партиските органи и тела за да се разгледа, а она што е очекуван исход од таа расправа е заеднички да ги дискутираме измените кои треба овозможат поголема автономија на општинските комитети кои се р`бетот на партијата, но и нивно влијание во одлучувачките процеси во партијата. Во управувањето на партијата важно ми е мислењето на секој еден член и на крај низ процес на широка консултација ги носиме одлуките кои сметаме дека се најдобри за партијата и нашата земја Република Македонија.
На 2.Јуни 2018 организиравте фантастичен масовен народен протест пред зградата на владата каде побаравте предвремени избори. Дали сте спремни да одите на предвремени избори доколку нема нов технички премиер како во 2016та година и доколку останат истите министри од СДСМ за внатрешни работи и Труд и социјална политика?
ВМРО-ДПМНЕ е убедена во поддршката од народот, но за жал ние се соочуваме со политички противник за кого демократската волја на граѓаните и нивните мислења може многу лесно да бидат потиснати преку изборен фалсификат и политички притисок од партиски инструираните институции. Тоа се вика злоупотреба на изборната волја кон која власта може многу лесно да се дрзне само за да се одржи и да продолжи со своите криминогени придобивки и удобства со кој сега располага. За да не се случи злоупотреба на изборната волја ние ги бараме минималните услови кои што СДСМ и Зоран Заев ги имаа на изборите во 2016та година и ние од ова барање нема да оттапиме. Во моментот кога ќе го исполнат тоа тогаш нема да има препреки за организирање на избори на кои убеден сум дека народот ќе му даде шанса на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ги порази штетните и капитулантски политики на СДСМ и Зоран Заев кои државата ја водат кон сигурна економска и политичка пропаст.
Силно верувам во народот кој полека се буди и сваќа дека ова што сега се случува не е она за што се залага и бори. Имаме власт која ги заборави сите предизборни ветувања. Ветуваа дека ќе се борат против полициска бруталност, а во дискотеките партиски инструираните делови од полицијата вперуваат оружје во младите, велеа дека ќе се залагале за подобро здравство, а кога сега кога имаме смртност над 30 новороденчиња во првите неколку месеци од годинава молчат и тоа го ставаат под тепих. Велеа дека ќе се борат против организиран криминал, а имаме министер кој не спроведе ниту една организирана акција против криминалци, и единствено се занимава со она што се нарекува политички монтирани случаи. Имаме земјоделци кои со црна мака го заработуваат секој денар и откако ќе го произведат плодот за кој работеле со месеци поради уценувачкиот однос и поради немањето на поддршка од владата го фрлаат во реките својот производ. Имаме премиер кој вели да не се чепкала жицата Македонија, а со промена на устав ја брише таа жица. И јасно е зошто се борат да останат на власт кога само порази и носат на Македонија, за да купат уште некој месец за да продолжат фамилијарните бизниси, за да продолжат бизнисите во 4 очи.
Можеби нема да има предвремени избори, Октомври веројатно ќе има референдум за договорот за смена на уставното име и за смена на Уставот. Која е одлуката на ИК и на Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ по однос на најавениот референдум?
И Извршниот Комитет и Централниот Комитет како и пратеничката група расправаше по однос на содржината на штетниот договор на Заев со Грција и завземавме став дека сме против тоа капитулантско дело со кој се брише името Македонија, се предвидува промена на Уставот и сериозно се задира во менување на идентитетот и откажување од правата на македонските малцинства надвор од границите на Република Македонија, и јас лично можам да ви кажам дека никогаш, ама баш никогаш нема да се согласам со овој капитулантски договор кој преставува еднострано прифаќање на сите грчки барања и ултиматуми.
ВМРО ДПМНЕ во однос на самиот референдум има став кој е соопштен, но воедно гледаме како околностите се променуваат и има многу дилеми како ќе настапиме, што ќе превземеме, дозволете тука да останеме воздржани во соопштувањето на нашите чекори. Променливи се околностите, и многу работи не се дефинирани на пример кое ќе биде прашањето, каков ќе биде референдумот, кога и дали ќе се распише…Ние имаме план имаме ставови и кога ќе дојде време ќе соопштиме како ќе дејствуваме.
Познавачите на состојбите очекуваат наместен резултат на референдумот во кој со 300.000 гласови на Албанците и 50.000 гласови на Ромите, плус притисок врз 100.000 гласачи вработени во администрацијата и полицијата, исходот однапред ќе биде познат, без оглед дали ќе биде задолжителен или консултативен референдум. Дали сте спремен да ги повикате на гласање членовите на ВМРО-ДПМНЕ во едно такво соучество на референдум со предвидлив резултат?
Одговорот на ова прашање е сличен на крајот од одговорот на претходното прашање, имено имаме план имаме ставови и кога ќе дојде време ќе соопштиме како ќе дејствуваме.
Кога имаме капитулантски договор Заев – Ципрас, кога има услови за наместен референдумски резултат, многумина сметаат дека бојкотот на референдумот може да биде алатка за поништување на таквиот штетен договор. Дали сте спремен да му препуштите на членството, посебно секој Месен комитет, секој Општински и задграничен комитет, да одлучи дали ќе учествува или ќе го бојкотира референдумот?
Ви реков дека се променливи околностите и не би сакал да завземам конечен став уште пред да биде распишан референдумот и уште пред да се знае референдумското прашање и неговата формулација. Како ВМРО ДПМНЕ ќе имаме прецизни инструкции за однесување на самиот референдум, но во исто време тоа незначи дека ќе се оди против волјата на членството или пак раководството на партијата може да му наложи со некаков декрет или наредба какви активности мора да превземе секој еден член. Ние сме демократска партија и ги почитуваме демократските принципи на убедување и волјата на мнозинството.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сеуште се во домашен притвор, обвинети за тероризам. На другите пратеници во Собранието им се отфрлаат амандмани или им се суспендираат процедуралните права на дискусија и комисиски надлежности. Зошто при вакви недемократски постапки, наместо колективна оставка, сеуште му давате легитимитет на Собранието и на самоволието на владејачкото мнозинство?
Ќе ве исправам не се само пратениците, сеуште има и други политички жртви кои се во притвор и се теретат за дело кое според мое лично убедување на постои. И пратениците и голем дел на другите кои се или во затвор или се дома, но се опфатени од едно правно дефектно обвинение, се жртви на политички прогон на оваа власт и тоа нема никаква врска со правното аргуметирање. Што се однесува до учеството во работа на институциите мислам дека она што оваа власт најсилно го посакува е тоа да опозицијата е надвор од нивната работа, само за да може да им поминуваат штетни закони и одлуки, за да неконтролирано носат решенија со кои не само што ќе го притискаат народот туку и засилено ќе им продолжат криминалите кои се одвиваат зад затворена сцена.
Нашето присуство таму не значи легитимитет за власта, туку оспорување на нивното самоволие, спротивставување, како и штитење на легитимитетот на граѓаните и нивната волја тие пратеници на опозицијата цврсто да се борат за правата и интересите на граѓаните.
Еве ќе ви дадам и еден историски факт, дали на пример Букурешкиот договор е нелигитимен затоа што Македонија не учествувала во него или Парискиот договор 1919 година? Вистината е дека никој овие договори не ги спори иако нивното влијание е фатално за Македонија. Дали некој го спори денес легитимитетот на голем број од судиите во Македонија, одговорот е не. Но истите тие судии се избрани едногласно без присуство на опозицијата во Парламентот во 1996-та година и тие исти луѓе во голема мера носат сеуште политички инструирани одлуки, факт кој не го констатирам само јас туку тоа го констатираат и сите извештаи на Европската Унија. Сигурно ќе беше поинаку доколку тогаш се учествуваше на таа седница и се дало отпор при нивното именување. Така е и денес. Наша должност е да опонираме со сите демократски средства против се она што е штетно за нашата држава.
Дали имате намера како ВМРО-ДПМНЕ да го изгласате составот на ДИК, со што ќе и направите услуга на власта за да организира референдум?
Формирањето на ДИК не треба да се гледа издвоено од една поголема целина, имено уште во март кога беа водени разговорите помеѓу опозицијата и Владата беше усогласена динамика на настани, која помеѓу себе беше причинско-последично поврзана и во таа врска формирањето на ДИК беше последно во врската, така што најпрвин треба да се случат други активности за да биде потоа формирана ДИК.
Во однос на измената на изборниот законик, за кој изборен модел се залага ВМРО-ДПМНЕ, сегашниот со шест изборни единици или оној со една изборна единица и отворени листи на кандидати за пратеници?
Ова прашање до сега не е отворено меѓу политичките партии и без сериозни анализи и пред тоа воопшто да биде покренато не би сакал да навлегувам во коментирање. Во таков еден случај ВМРО ДПМНЕ ќе го одбере методот и моделот кој најреално ја отсликува волјата на македонците и граѓаните на Република Македонија и е од интерес на државата.
Дали би сакале да бидете Премиер на „Република Северна Македонија„ каде што зборот Македонско новинарство, или Македонски медиуми не ќе смее да се употребува?
Јас се борам да бидам премиер на Република Македонија, онаа во која е роден мојот татко, во која се родија моите деца и во која ќе продолжам да ја градам нашата заедничка иднина.
И ова е мое право исто како што е право на секој еден граѓанин. И ВМРО-ДПМНЕ за тоа се бори. Не заборавајте дека оној кој прифатил и го брани тоа да нема повеќе македонско новинарство или македонски медиуми, да нема МАНУ туку академија на науките на Северна Македонија или фудбалска репрезентација на Северна Македонија, има име и презиме и се вика Зоран Заев, тоа треба да е јасно на секој еден граѓанин. Некако преку инсталациите и механизмите на власта целата таа негативна енергија што постои кај обичниот човек сака да се префрли на ВМРО-ДПМНЕ само за да избегаат од одговорноста, но тоа така не оди и нема да успее. Тоа нема да го направи помалку неуспешен Зоран Заев, ниту владата.
Во последно време се шират голем број на дезинформации дека секој оној кој бил против договорот бил и против Европската иднина, а се заборава дека и овие од власта кои демек се бореле за европската иднина не успеа да донесат датум за преговори и остана државата да тапка во место и дури по една година ќе се преоценува дали ќе се одреди датум за преговорите. Удирањето во гради и честото спомнување на Европската Унија нема да им ја реши домашната задача на владата, а таму единствено што се цени е работа каква не гледаме од владата.
Велите дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на Уставот на Република Македонија со цела промена на уставното име, а во исто време сте кооператвиен и доколку би имало Референдум ќе одите да гласате против! Како тогаш да се сфати она „нема да дозволиме, како нема да дозволите„?
Да бидеме прецизни, јас велам дека ВМРО-ДПМНЕ е против промена на Уставот со цел промена на Уставното име и тука сум многу прецизен и јасен. И ова го говорам и во минатото и ќе го говорам во иднина.
Во однос на референдумот ви реков дека предвреме не би ги откривал нашите детали околу дејствувањето но бидете сигурни ќе донесеме одлука којае најмудра за Македонија и ВМРО-ДПМНЕ. Околу тоа дали сум кооперативен или не, тоа е ваше толкување на работите, но јас ќе ви кажам дека немам намера да правам компромиси со нашите принципи и ставови, иако можеби власта го посакува токму тоа, но јас тоа не го дозволувам. И второ, на крај да знаете декапобедуваат оние кои со мудри потези и дејствувања ја постигнале целта, а нашите цели се јасни и недвозсмислени. И ќе ви кажам дека и многумина ме потцениле, но подоцна длабоко се каеле поради таа проценка.
Која е вашата релација со Сашо Мијалков за кого многумина мислат дека стои позади вас ?
Интересно е што слушам различни тврдења, едни велат дека сум бил сенка на претходниот претседател, други велат дека сум имал некаков договор со власта, трети дека странците како што обично неформално велат биле доминанти во моето одлучување, а еве сега слушам од вас и дека и Мијалков седел позади мене. Видете секој верува во она што сака. Но јас, за почеток, побарав додека не ме запознаете подобро и ја видете другата слика која е спротивно различна од сето ова, барам да си верувате на себе! И секој од вас со вашата мудрост знаете најдобро да оцените! Но она во што сакам да Ве уверам Вас и Македонската јавност е следното, дека единствен мотив да го прифатам предизвикот беше Република Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, работев, работам и ќе продолжам да работам единствено за интересите на мојата татковина, а секое мое поврзување со други личности за мене претставува шпекулација во доменот на теоријата на заговорите.
Многумина ви префрлуваат дека не ги поддржувате актуелните протести, дали ќе ни објасните кој е вашиот став кон ова прашање?
Ако целта на тие протести е противењето на договорот за името склучен од Зоран Заев тогаш имаме заедничка цел и јас истите ги поздравувам. Во исто време не поддржуваме насилство за кое отворено ќе кажам дека е иницирано од инсталации на власта и вметнати наводни протестанти искористувајќи и злоупотребувајќи невини граѓани кои беа цел на насилство минатата недела. Тие луѓе се подбуцнати од структури на власта да предизвикуваат инциденти, полицијата да реагира а сето тоа да се прекрши на грбот на невините граѓани кои излегле со чиста совест и водени од искрена желба да помогнат. На тој начин наредните протести да бидат со помалку граѓани затоа што мнозинството луѓе не поддржуваат насилство и да се пасивизираат во нивниот отпор, па згора на тоа ако може и ВМРО-ДПМНЕ да се обвини за сето ова. Ќе кажам дека ова не е битка за ден или два туку ќе биде долга битка, а ВМРО ќе остане на браникот на интересите и со народот на нашата земја.
Се ближат Претседателските избори , дали имате и кој би бил вашиот кандидат, или каков е профилот, каков човек би поддржале за претседател на Република Македонија?
Ќе поддржам човек кој ќе биде пасиониран, непоколеблив борец за иднината на Македонија и интересите на граѓаните и кој ќе се бори во она што верува и кон што целиме како партија а тоа е држава на среќни граѓани. Потребен е човек со кредибилитет, нова енергија и визија, и кога ќе дојде тоа време ќе го соопштиме нашиот кандидат.
Кој е Христијан Мицкоски приватно, кое е вашето хоби?
Наоѓам задоволство во малите работи за кои се помалку имам време. Мојата пасија останува науката, она за што се образував и долго време претходно работев. Енергетиката, системите како и програмирањето. Секако во целата оваа трка и бурно секојдневие без исклучок знае да ме расположат насмевките или гласот на моите два сина Антониј и Јован, како и кусите моменти кои можам да ги поминам со семејството. Но оваа жртва што ја поднесувам е премала во однос на влогот кој што стои пред нас, а тоа е како да обезбедиме иднина на генерациите кои растат и се развиваат во нашата Македонија. Инаку пред да започнам со работните активности се трудам да поминам околу еден час во теретана и најчесто преку викенд да планинарам на некоја од преубавите планини во нашата татковина.
Која е вашата најомилена Македонска песна?
Македонија има преубаво и богато творештво во поглед на звуците и музиката, навистина не би можел да издвојам некоја посебно и тоа не го велам затоа што сум не одлучен тука затоа што Македонскиот мелос е навистина безвременски и во моментов неколку десетици ноти ми поминуваат низ глава.